Потврда за завршена вакцинација или негативен ПЦР тест или потврда за прележан Ковид-19, заедно со пополнет PLF формулар, и понатаму се задолжителни за влез во Грција, согласно новата министерска одлука на грчката Влада во која актуелните правила се продолжени за уште една седмица, односно до 21 јуни.
Во новата одлука што е веќе објавена во Службен весник на Грција, а стапува во сила утре во 6 часот наутро, нема никакви промени во однос на претходната, а Северна Македонија и понатаму е една од 23-те трети земји за кои постои исклучок од забраната за влез во Грција.
Кон Македонија отворен е само граничниот премин Евзони (Богородица) со работно време од 7 до 23 часот по локално, односно од 6 до 22 часот по македонско време. Во посебен член од министерската одлука, детално се опишани предусловите и неопходните документи за влез во Грција.
Сите посетители, „независно од државјанството и начинот на влез во земјата“ имаат две опции и една алтернативна можност, во однос на документите што треба да ги приложат, а се поврзани со Ковид-19. Поконкретно, првата опција е целосно да ја имаат завршено вакцинацијата 14 дена пред патувањето и да достават сертификат за вакцинација на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, издаден од јавна установа.
Втората опција е со негативен ПЦР тест, направен во последните 72 часа пред патувањето, во одобрена од државата на потекло приватна или државна лабораторија и да биде на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, а исто како и за сертификатот, треба да ги содржи и името и презимето на лицето кое патува, онака како што се заведени во пасошот.
Освен двете опции, алтернативно, како што пишува во министерската одлука, посетителите на Грција, може да достават сертификат за прележана болест или позитивен резултат од направен ПЦР или антигенски (брз) тест со валидност од два до девет месеци од датумот на заболување наведен во документот и да се поминати 30 дена од првиот позитивен резултат.