Османи за спорот со името: Последните метри од секоја трка се најтешки, треба да се издржи

by fokus

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи во интервју за МИА нагласува дека е важно да се задржи довербата меѓу Македонија и Грција во процесот на преговори за решавање на спорот за името.

– Лично сум оптимист. Последните метри од секоја трка се најтешки. Тука се разликуваат лидерите од другите. Треба да се издржи овој последен период од маратанот и да заврши позитивно. Тоа ќе ја одблокира целата држава, вели Османи во интервјуто за МИА дадено по средбата во Брисел со високата претсавничка на ЕУ Федерика Могерини.

Тој вели дека ја информирал Могерини за преговорите во последните часови помеѓу двете страни, за напредокот, но и за разликите кои сѐ уште постојат и дека е потребно секој добронамерен да помогне да се надминат овие разлики во позитивна атмосфера во овој процес на меѓусебна доверба.

-Важно е да се задржи довербата помеѓу страните бидејќи тоа е важно за било каков позитивен исход. Лично сум оптимист. Последните метри од секоја трка се најтешки. Тука се разликуваат лидерите од другите. Треба да се издржи овој последен период од маратанот и да заврши позитивно. Тоа ќе ја одблокира целата држава, вели Османи.

Вицепремиерот не коментира дали е процесот заглавен, бидејќи како што вели, тоа е сензитивно прашање. Додава дека постои конструктивен дијалог по предлог на медијаторот Метрју Нимиц. Според Османи, нема индиции дека има ризик да се изгуби довербата помеѓу двете страни.

– Немам такви индиции, но од искуство и поука од тешки процеси, последните метри се најисцрпувачки дури и на психолошки план, треба да останеме фокусирани, во меѓусебна доверба и така да стигнеме до крајот, вели тој.

Османи додава дека побарал поддршка од Могерини, која како што истакна, преку охрабрување, има дадено исклучтелно важен придонес.

-Уште едно охрабрување на страните од нејзината страна мислам дека секогаш може да е од помош, вели во интервјуто вицепремиерот кој додава дека позициите ќе бидат многу потешки ако не се реши името.

Поврзани новости