Османи за „Национал“: Ќе биде непростлива грешка ако пак се блокира европерспективата на С. Македонија

by fokus 18:22
18:22

Би претставувало непростлива грешка, и за нас, и за Бугарија, доколку си дозволиме таков луксуз да создадеме длабока лузна во односите во кои инвестиравме толку многу и ако повторно ја блокираме европската перспектива на Република Северна Македонија, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за хрватскиот неделник „Национал“ во врска со бугарските закани за блокада нашиот европски пат, доколку земјава инсистира на македонскиот идентитет и јазик.

– Дозволивме нашите билатерални односи да бидат загрозени од некои историски рецидиви, кои создаваат анимозитет меѓу инаку блиските соседи. Новата Влада е посветена на оваа тема, ние сме фокусирани на надополнување на она што го пропуштивме и верувам дека ќе успееме во тоа, додава Османи.

Тој вели дека по потпишувањето на Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, очекувал дека се поставени темелите на долгорочно и посилно пријателство меѓу двете земји, кое ќе биде отпорно на несакани влијанија.

– Но, денешните предизвици покажуваат дека добрососедските односи никогаш не треба да се сфаќаат како завршена работа. Дури и кога изгледаат најпозитивни, тие се секогаш ранливи и затоа треба постојано да се негуваат. Република Бугарија беше жесток промотор, слободно можам да кажам најискрен борец за европската и евроатлантската перспектива на Република Северна Македонија, што остави впечаток дека нашите добрососедски односи влегоа во втората фаза, фаза на стабилно и долгорочно пријателство, нагласува шефот на дипломатијата.

Османи потсетува дека земјава мина долг и макотрпен пат, од реформи до длабоки и тешки компромиси кои се пример во регионот.

Поврзани новости