Османи во посета на Љубљана и Загреб на средби со Пахор, Логар, Пленковиќ и Радман

by Fokus

Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија Бујар Османи денес патува за Љубљана, каде веќе од утре ќе оствари официјална посета на Словенија, на средба со министерот за надворешни работи, Анже Логар. Во рамките на посетата на Словенија предвидени се и средби со претседателот на државата Борут Пахор, како и со претседателот на словенечкиот парламент, Игор Зорчич.

Веќе од вторник Османи од Љубљана директно патува за Загреб во работна посета на Република Хрватска, каде покрај средбата со домаќинот, министерот за надворешни работи, Горан Грлиќ – Радман, ќе оствари средби и со премиерот, Андреј Пленковиќ, како и повеќе средби во рамките на хрватскиот парламент.

Посетата на шефот на дипломатијата на земјите од регионот се случува во пресрет на важните одлуки за европската перспектива на земјата, во очекување на усвојување на преговарачката рамка и одржувањето на првата Меѓувладина конференција со Европската Унија.

Оттука и фокус на средбите се очекува да биде европската интеграција на Република Северна Македонија, постигнатиот реформски напредок и одржувањето на добрососедските односи, реафирмирајќи ги притоа очекувањата за поддршка од страна на нашите пријатели за почеток на преговорите во рамките на Германското претседателство со ЕУ, до крајот на годината. На разговорите се очекува да бидат отворени и темите од билатералната соработка, особено потенцијалите за унапредување на економска соработка, како и заедничкото, регионално справување со предизвиците од пандемијата КОВИД 19.

Поврзани новости