Османи: Владата се подготвува за посетата на еврокомесарот Хан

by fokus

Новата Влада ќе го пречека еврокомесарот Хан подготвена. До седницата на која и тој ќе присуствува, ќе биде изготвена драфт верзија на акцискиот план со сите досега превземени, но и планирани идни чекори кои треба да ги надминат пречките за придвижување на евроинтеграциите на нашата држава.

„Владата по средбите во Брисел, веднаш по слетувањето во Скопје формираше  ад-хок комисија, која подготвува акциски план што мораме да го реализираме за да ги исполниме очекувањата на европските партнери“, вели Османи. Тој додава дека во изминатиов период биле остварени средби со институциите, по што се одржала и владина седница.

Османи најави и долгорочни мерки, кои ќе продолжат да се реализираат по локалните избори, а кои ќе ја трасираат евроинтеграциската агенда.

Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, во Македонија ќе биде следната недела в понеделник, а веќе во вторник во земјава доаѓа и Ранјхард Прибе, раководителот на комисијата која во име на ЕУ во 2015 година го подготви списокот на неопходните реформи што земјава треба да ги преземе за да го надмине застојот на патот кон зачленување во ЕУ.

Како што соопшти портпаролката на Европската Комисија, Маја Коцијанчич, се очекува Хан да се сретне со премиерот, Зоран Заев и со лидерите на другите поголеми партии. Тема на разговор ќе биде планот на Владата за реформи, неговата компатибилност со извештаите на Европската комисија и применливоста. За експертите, доаѓањето на Хан е одредување на црвените линии во чии рамки ќе работи новата влада.

Поврзани новости