Османи: Треба да направиме се што треба за пописот да биде успешен

by fokus

Мислам дека е во интерес на сите нас да имаме попис, и да направиме се што треба, за тој попис да биде успешен, односно да бидат резултатите такви какви што се, да има прецизна рефлексија на демократската реалност со сите карактеристики и атрибути и тие да бидат прифатени, односно секој да им верува. Бидејќи е многу важно во мултиетничко општество граѓаните и заедниците да веруваат во тие резултати, рече вечерва министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Тој во гостувањето во ТВ 24, посочи дека комбинираниот модел за попис е избран за поголема доверба и за вкрстена проверка на електронските бази со физичките посети на граѓаните.

Како што посочи, овој процес е сензитивен со сериозни последици по државата доколку во него се нема доверба или пак доколку е лажиран.

Затоа, како што наведе, не треба апсолутно да се плашиме да ги имплементираме сите механизми кои ќе гарантираат вистинитост на разултатите, квалитет на резултатите и доверба на граѓаните кон резултатите.

-Постојат неколку форми на попис. Постои традиционален попис во кој што одите со празен лист по домовите и ги потпишувате граѓаните, постои целосно електронски попис во кој воопшто не одите по домовите туку со едно копче на тастатура ќе ви се вкрстат сите податоци и постои комбиниран модел во кој што како основа ги зема електорнските бази и само ги проверувате дополнително со посета на домовите на граѓаните. Ние го избравме овој комбиниран модел за поголема доверба и за вкрстена проверка на електронските бази со физичките посети на граѓаните, рече Османи.

Според него, нормално е пописот да има улога за дефинирање и на политиките, но како што рече, кај нас и политиката се дефинира од пописот, и затоа тоа го прави посензитивен процесот.

-Кај нас оваа прашање се гледа со скепса и со тоа кој ќе сноси одговорност ако не успее пописот. Мислам дека е во интерес на сите да имаме попис, и треба да правиме се за тој попис биде успешен, резултатите да бидат такви какви што се, да има прецизна рефлексија на демократската реалност со сите карактеристики и атрибути и тие да бидат прифатени односно секој да им верува, додаде Османи.

Прашан за случајот „Монструм“ поради кој деновиве имаше протести низ улиците во Скопје, министерот посочи дека според него потребна е поголема транспарентност во судските процеси, за граѓаните да имаат поголема доверба.

-Најважен елемент во враќање на довербата е транспарентноста. И затоа уште од првиот момент кога се појави недоверба по однос на исходот на судскиот процес во првата фаза беше потребата за враќање на процесот со цел зголемување на транспарентноста. Мислам дека во овој втор процес имаше поголема транспарентност јас не сум тој кој што можам да ги коментирам судските одлуки, но тоа што како политичар можам да дадам совет е да бидат што потранспарентни, рече министерот.

Појасни дека колку е поголема транспарентноста во објаснување на тоа што се случува, граѓаните ќе ги разберат и ќе имаат поголема доверба.

Поврзани новости