Османи реферираше пред пратениците: Не случајно мојата прва официјална посета беше токму Софија!

by fokus

Од наша страна е сторено се што треба, доволно сме подготвени и одложувањето на почетокот на преговорите беше грешка на самата Унија. И затоа не треба да не обзема апатија, песимизам, ниту некаков дефетизам. Процесот на одлучување во Унијата е сложен, со консензус, и ние на тоа мора да се навикнеме. Имам навистина голем број пријатели внатре во Унијата чии интереси за иднината на Европа се совпаѓаат со нашите. Тоа е обединета Европа, со Западниот Балкан целосно интегриран во Унијата и тие нѐ очекуваат да им се придружиме. И ние немаме алтернатива. Нашиот стратешки интерес останува ист – да донесеме повеќе Европа дома, а да ја однесеме Северна Македонија во ЕУ.

Ова денеска го истакна шефот на дипломатијата Бујар Османи реферирајќи пред пратениците за остварувањето на надворешната политика и меѓународната положба на Северна Македонија, на седницата на собраниската Комисија за надворешна политика.

Подвлече дека фокусот во моментов е секако на Бугарија и оти се уште најдобрата опција останува со добра волја да се интензивира спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и враќање на довербата од страна на Бугарија во неговата ефикасност и имплементација.

Потсети дека и покрај тоа што имавме турбулентна и тешка година, пандемија и постојана криза, членството во НАТО беше еден од најзначајните успеси што на земјава што го одбележа почетокот на годината, а добивме и одлука за почеток на преговори со ЕУ.

– Ја дочекавме и одлуката на 27 земји-членки за почеток на преговори со Европската Унија. Гледано од денешен аспект можеби делува збунувачки фактот што Советот на ЕУ сѐ уште не може да ја усогласи содржината на преговарачката рамка, но тоа не треба да го намали значењето на одлуката од март. Таа е одлуката која ја чекавме без малку 15 години, тоа е одлуката што сме ја побарале во 2004, тоа е одлуката за која сме се стекнале со статус на земја – кандидат уште во 2005 година. Тоа е одлука за која од 2008 година нижеме препораки од страна на Европската Комисија, без разлика кој е на власт или во опозиција. Едноставно беше фер и правично што и таа конечна одлука ја дочекавме заедно, рече Османи.

Подвлече дека овие два клучни стратешки интереси веднаш влегоа во служба на нашата нова меѓународна позиција, како полноправна членка на НАТО, но и како земја – преговарач со ЕУ, која станува внатрешно, а не надворешно прашање на Унијата.

Османи потсети дека како нова членка на НАТО веднаш бевме сведоци на силната солидарност од нашите сојузници, кои обезбедија помош за нашиот здравствен сектор и за справување со последиците од Ковид-19.

-Како земја длабоко интегрирана во европскиот политички систем, Северна Македонија беше вклучена и во Европскиот договор за јавни набавки за медицинска опрема и Системот на ЕУ за брзо предупредување за заразни болести. Понатаму ЕУ ја ослободи земјава од рестрикциите за извозот на медицинска опрема, ставајќи ја со тоа под внатрешниот заштитен чадор на Унијата, рамо до рамо со земјите – членки, потсети Османи, додавајќи дека ЕУ директно обезбеди 66 милиони евра за итни потреби при справувањето на Северна Македонија со кризата со корона вирусот.

Османи посочи дека како прв приоритет на неговиот мандат ги поставил добрососедските односи, како што рече „да го преминеме скалилото на добрососедство, и да ги отвориме можностите за длабоко и долгорочно пријателство со сите наши соседи“.

-И повторно, гледано само од денешниот агол и однесувањето на нашиот сосед Бугарија, оваа амбиција не влева оптимизам, туку повеќе делува утопистичка и неостварлива. Но ве уверувам – тоа не е така. Не случајно мојата прва официјална посета беше токму Софија, и од тогаш наваму комуникацијата меѓу министерствата за надворешни работи, воопшто меѓу двете држави постојано се интензивира на повеќе нивоа, истакна тој.

Потсети дека се формирани работни групи на двете министерства кои, посочи, работеа на сите отворени прашања и загрижености кои изминатиов период се таложеле кај нашиот сосед.

-Беа разменети бројни документи во форма на предлог меморандуми, нон-пејпери, предлог декларации итн., како креативна можност да се најде компромис кој ќе врати довербата во процесот без да предизвика нарушување на идентитетските атрибути на македонскиот народ, македонскиот јазик, како дел од современата актуелност на Северна Македонија. И оваа црвена линија не само што никогаш не сме ја преминале, туку под целосна одговорност ви тврдам дека за овие прашања никогаш не сме ни преговарале, истакна Османи.

Подвлече дека оваа оваа тема не е затворена, и за неа веројатно ќе се разговара и во иднина, но она што сега е важно, вели Османи, е што нерешените прашања со Бугарија директно го предизвикаа неуспехот на Советот на ЕУ да ја утврди содржината на преговарачката рамка, а од последните настани минатата недела, ниту заклучоците посветени на процесот на Стабилизација и Асоцијација наменети за целиот Западен Балкан.

-Сите ние сме сведоци со каков ентузијазам, енергичност и посветеност германското претседателство до последен момент се бореше за оформување на преговарачката рамка и одржување на првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија. Во оваа насока добивме поддршка буквално од сите земји – членки, особено оние кои гравитираат околу регионот, т.е. претставуваат дел од нашето пошироко соседство, истакна Османи, додавајќи дека токму во таа насока минатата недела имав мини турнеја токму по членките на ЕУ кои се непосредни соседи на поширокиот Балкан кои изразија недвосмислена, принципиелна и прилично гласна поддршка за нашите европски интеграции, истакна тој.

Подвлече дека реформи дома ни се потребни нам, на нашите граѓани и затоа тие мора да продолжат со европски пристап, но, вели, ние мора да продолжиме и активно да работиме на сите прашања кои можат да претставуваат пречка за нашите европски интеграции.

-Фокусот во моментов е секако на Бугарија. Сѐ уште најдобрата опција останува со добра волја да се интензивира спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и враќање на довербата од страна на Бугарија во неговата ефикасност и имплементација. И покрај моменталните предизвици во билатералните односи, во фокусот на соработката во наредниот период ќе биде продолжувањето на политичките консултации меѓу двете министерства, зачестени официјални посети и средби на високо и највисоко ниво. Во овој процес ние мора да најдеме начин да се ослободиме од наметнатите наративи на некои минати сојузи во кои биле двете држави, за да ги ослободиме новите генерации кои треба да живеат во новите заеднички сојузи под капата на НАТО и ЕУ, рече Османи.

Потсети дека на почетокот на 2021 се планира одржување состанок на Меѓувладината комисија за спроведување на Договорот за добрососедство, а се предвидени и пет дополнителни средби во 2021, чија цел е да се интензивира соработката во областа на културата и образованието, економијата, екологијата како и унапредување на транспортната инфраструктура меѓу двете држави на Коридорот 8.

– Со продолжување на имплементацијата на Договорот за пријателство, преку конкретен и предвидлив Акциски план и со именувањето на Специјален претставник на Владата за Бугарија се очекува да се придонесе за дополнително динамизирање на политичките односи помеѓу двете земји и врамување на односите назад во Договорот за пријателство.

Изрази уверување дека постои волја, и тоа и кај нас, и кај нашите соседи во Бугарија и оти е потребно уште малку напор и дека повторно ќе добиеме блиски пријатели со кои ќе градиме долгорочно пријателство.

-Во првиот приоритет на надворешната политика се и останатите соседи, кои секако не треба и не се запоставени поради актуелните предизвици со Бугарија. Во оваа насока, уште на почетокот голема Владина делегација беше во посета на Атина каде беа поставени одлични односи со новата Влада предводена од премиерот Киријакос Мицотакис. Продолжуваме активно да го имплементираме Договорот за стратешко партнерство, познат како Договорот од Преспа, но паралелно работиме и на проширување на меѓусебната соработка, со посебен фокус кон економијата, инфраструктурата, енергетиката итн.

Потсети на успешниот Берлински процес, кој, како што рече, покрај фактот што се одржуваше во отежнатии рестриктивни услови, посебен политички предизвик претставуваше заедничкото претседавање со Бугарија, кое и во затегнати политички односи резултираше со исклучително успешен самит во Софија.

Како посебен дипломатски успех Османи ја посочи едногласната одлука на 56 земји учеснички на министерскиот состанок на ОБСЕ што се одржа на 3 и 4 декември во Тирана, за прифаќање на нашата кандидатура за Претседавање со организацијата во 2023 година. -Претседавањето со ОБСЕ нуди можност за едно ново, подобро меѓународно позиционирање на Северна Македонија, како конструктивен меѓународен актер, што пак претставува и простор за реализација на сопствените меѓународно-политички приоритети, рече Османи.

Подвлече дека од аспект на поширокиот меѓународен контекст, стратешкото партнерство со САД претставува еден од најважните столбови на нашата дипломатија, како нераскинлив дел од севкупната државна стратегија.

-Во основата на ова партнерство се заедничките интереси за стабилен, просперитетен и прозападен Балкан, целосно интегриран во мултилатералните организации на современиот свет. Пред само два дена, во просториите на Министерството ја промовиравме новата поштенска марка по повод 25 години од дипломатските односи во САД. Во оваа прилика директно од Вашингтон, од Стејт Департментот, преку видео конференција се приклучи помошникот државен секретар за Европа и Евроазија, Филип Рикер кој потсети на клучните моменти во кои САД цврсто застанаа зад земјава. Од осамостојувањето, преку Охридскиот договор, па се до Договорот од Пржино и Преспанскиот договор. Јас би додал и не само во овие пресвртни точки, туку практично сите позитивни процеси во насока на демократизација и просперитет во земјава се направени со несебична поддршка од американската политика, без разлика од чија провиниенција доаѓала администрацијата, рече Османи.

Се заблагодари на досегашната администрација, предводена од Доналд Трамп, секако, како што рече, со огромни очекувања за континуитет на нашето стратешко партнерство и од следната администрација предводена од Џо Бајден.

Истакна дека во 2021 ќе продолжат да се пополнуваат испразнетите амбасадорски места со што, рече, ќе се зајакне дипломатско-конзуларната мрежа.

Османи заклучи дека најважен приоритет останува нашиот пат за членство во ЕУ.

-Главен приоритет во дипломатските активности на МНР од аспект на ЕУ во 2021 повторно ќе биде даден на напорите за што побрзо активирање на преговарачкиот процес кој треба да започне веднаш по одржувањето на Првата Меѓувладина конференција, завршување на билатерален скрининг, подготовка на првите патокази за кластерот Фундаменти, интензивирање на комуникацијата со ЕУ институциите и земјите-членки, заклучи Османи во обраќањето пред членовите на собраниската Комисија за надворешна политика.

Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ запраша кој ќе ја сноси политичката одговорност за тоа дека не добивме ниту преговарачка рамка, ниту датум за преговори.

– Министерот Османи, премиерот Заев и министерот Никола Димитров пред целата македонска јавност не само што обзнанија дека имаме датум за почеток на преговорите со ЕУ, туку имаше и своевидни прослави на тој датум, имаше билборди, музички настани, и слично. Истиот министер денес пред нас кажува дека датум нема. Нема ниту заклучоци за жал, ниту преговарачка рамка, уште помалку датум за почеток на првата меѓувладина конференција. Моето прашање е – кој ја носи политичката одговорност за ваквиот неуспех, праша Милошоски.

-Сметам дека доколку ја лоцираме таквата политичка одговорност, ќе можеме полесно да се носиме со предизвикот во текот на 2021 година. Доколку одбегнуваме и наоѓаме изговори, тогаш ова обраќање нема да биде ништо поразлично од обраќањата што во изминатите четири години сме ги слушале од министрите за надворешни работи, рече Милошоски.

Османи потсети на стратешките приоритети на земјава и одговори дека најуспешната година во постигнување на нашите стратешки цели во евроатлантските интеграции којашто ќе се памети е 2020 година. МИА

Поврзани новости