Османи: Поразот на Каракачанов праќа порака дека народот е против блокада на Македонија

by Фокус

Европската перспектива е многу поголема и позначајна од одделни политички случувања, расположенија или изборни процеси и затоа сум оптимист и покрај непредвидливоста што е создадена во односите со Бугарија дека сепак ќе се најде начин да се повлече напред процесот на нашето пристапување кон Европската Унија, порача вечерва министерот за надворешни работи Бујар Османи.

-Изборите во Бугарија во секој случај ги оптоварија односите помеѓу нашите две држави и нормалната и рационална  комуникација која ја имавме. Очекувам дека со завршувањето на изборите ќе се врати рационална дебата и разумот ќе ги замени емоциите. Се надевам дека заради пандемијата ќе се консолидира политичката сцена во Бугарија и очекувам брзо формирање на институциите што ќе овозможи брзо рестартирање на нормалната комуникација  за изнаоѓање на решение – рече Османи во интервју на ТВ 21.

Тој очекува да направиме исчекор во јунско-јулскиот самит на ЕУ. Според него, невлегувањето на партијата на Красимир Каракачанов во бугарскиот Парламент праќа добра порака до сите политички чинители кај источниот сосед дека народот е против спречувањето на нашата европска перспектива.

-Пораката од народот е важна во смисла дека спречувањето на европската перспектива на Северна Македонија не е тоа што бугарските граѓани го посакуваат, бидејќи тоа беше основниот наратив на партијата на Каракачанов. Фактот што не ја доби поддршката од бугарските граѓани е најсилна порака која произлезе од изборите. Народот не е против европската перспектива и бара начин за зближување и соработка меѓу двете држави – рече Османи.

Поврзани новости