Османи од Брисел: Топката е кај Република Бугарија

by Fokus 18:20
18:20

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, учествуваше на првата седница на формалниот Совет за надворешни работи на ЕУ со министрите од Западен Балкан. Османи порачал дека на Бугарија е да го искористи политичкиот момент за спас на кредибилитетот на ЕУ во регионот.

За прв пат денеска шесте министри за надворешни работи од земјите на Западен Балкан беа поканети да бидат дел од редовниот формален Совет за надворешни на министрите на ЕУ. Тема на средбата беше војната во Украина, нејзините последици и влијанието на Русија во регионот.

Министерот Османи, за МИА изјави дека пред неговите колеги од ЕУ предупредил на економските и политичките последици од овој конфликт во регионот, како и потребата да се спаси кредибилитетот на ЕУ токму во овој момент, со тоа што ќе се деблокира процесот на преговори со Северна Македонија. За македонската страна на потег е Бугарија, Северна Македонија исполни сѐ што беше побарано од неа.

-Ќе повторам, топката е во Република Бугарија. Република Бугарија треба да одлучи дали ќе го искористи овој момент за целиот регион после овие случувања во Украина, дали ЕУ ќе преземе стратешко лидерство во регионот. Република Северна Македонија беше конструктивен партнер во овие разговори, во исполнувањето на овие критериуми. Се плашам дека може да се изгуби овој момент што го имаме сега. И како што реков на самиот Совет за надворешни работи, најголемиот подарок за Русија ќе биде токму уривање на кредибилитетот на ЕУ во регионот, изјави Османи за МИА и потенцираше дека во овој момент нема договор меѓу двете страни којшто може да биде основа за потпишување на некаков договор, туку дека се разгледуваат начини да се вклопат различните пристапи во сеопфатно решение.

Ова Османи го изјавил денеска пред 27-те министри на ЕУ, меѓу кои и бугарската министерка, Теодора Генчовска, која, според изворите на МИА, не покажала флексибилност на денешниот состанок.

Во случај повторно Бугарија да ја блокира Северна Македонија во јуни, Османи вели дека ќе треба “да седнеме и да видиме“ како понатаму.

 

Поврзани новости