Османи формира работна група за приклучување на Македонија кон програмата на САД за укинување на визите

by Fokus

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска информира дека формирал работна група во рамки на Министерството, што има за задача да работи на приклучувањето на Република Северна Македонија кон Visa Waiver Програмата на САД.

– Процесот за укинување визи за нашите државјани за влез во САД е долгорочен и комплексен процес, но со оглед на нашите заложби за зајакнување на постоечкото сојузништво, создадени се условите да го започнеме овој процес. Најголема потврда за тоа е приклучувањето на нашата земја кон НАТО Алијансата, но и напредокот постигнат на полето на безбедноста, како надополнување на нашето стратешко партнерство со САД, напиша Османи на Фејсбук.

Тој додаде дека успешното завршување на овој процес налага долгорочна и посветена работа, а постигнувањето на оваа цел ќе биде од бенефит за државјаните на двете пријателски земји.

– Дополнително тоа ќе создаде значителен позитивен ефект на економската соработка, демократскиот просперитет и развој, но сметаме дека и генерално ќе има позитивно влијание врз целиот регион. Ваквиот чекор е уште една потврда за посветеноста на Република Северна Македонија за градење стабилни билатерални односи со САД и зајакнување на нашето стратешко партнерство, наведува шефот на дипломатијата во објавата на Фејсбук.

Поврзани новости