Оштетен автомобилот на новинарка во „Фокус“

by Fokus

Автомобилот на новинарката на Фокус, Вики Клинчарова, вчера во тек на ден, бил оштетен од непознат сторител.

Возилото од марката Волксваген Туран, кое било паркирано пред деловниот објект на сопругот на Клинчарова, непознатиот сторител го оштетил долж целата десна страна со остар предмет. Случајот веднаш бил пријавен во полиција, чии екипи излегле на увид.

,,Оставам на МВР да го разреши случајот. Со години наназад ми се случува да добивам навреди, клевети и закани од лица кои се огрешиле од законот, а за кои сум пишувала во медиумот. Во изминатиов период, од лице со криминално досие, бев на мета на вербални закани, навреди и клевети поради објавен текст во Фокус. Случајот два пати го пријавував во полиција, во рок од три дена. Кога втор пат се јавив во полициската станица, дежурниот службеник ми кажа дека по првата пријава, се уште не го контактирале пријавеното лице, бидејќи било празник. ,,Закана е кога ќе ви дојдат со нож или со пиштол ,а не ако ви напишат нешто на Фејсбук’’ – беа зборовите на дежурниот полициски службеник кои ме оставија во неверица. Се наметнува чувството дека се јавуваш во трафика, а не во државна институција. Не можам со сигурност да кажам дали лицето е вмешано и во овој случај, со оштетувањето на автомобилот, но факт е дека успеа да направи вистинка ,,хајка’’ на социјалните мрежи против мене, во која го поддржаа негови роднини, но и пријатели и роднини на лица за кои и во минатото се случило да пишуваме за нивни прекршоци, кои уредно биле заведени во дневните билтени на МВР. За конкретниов случај поднесов и тужба’’ – вели Клинчарова.

Додава дека не сака директно да вперува прст во никого, додека не заврши истрагата, но факт е дека неретко медиумските работници се изложени на немили случки предизвикани од лица за кои се пишува, односно чии законски прекршоци се објавуваат во медиумите.

,,Доколку се докаже дека лица за кои се сомневам се вмешани во овој низок чин, значи дека кај нас сеуште важи изреката – Ако не ти се допаѓа веста, убиј го гласникот. Отворено апелирам до Министерството за внатрешни работи детално да го истражи случајот и да стави крај на заканите и притисоците врз медиумските работници, без разлика дали се работи за закани од типот – Ќе дојде денот да ти кажеме каде ти е местото, или со уништување и оштетување на имот, а во краен случај и со физички напади’’- апелира таа.

Поврзани новости