Ордановски: Во 2015 година возилото ми беше дигнато во воздух, по што ја напуштив и државата

by fokus

Меѓу десетината новинари и уредници, денеска во Кривичниот суд сведочеше и Сашо Ордановски, кој појасни дека од 2008 до 2015 година работел како новинар и дописник,а кога му бил даден материјалот со транскрипти му било кажано дека е еден од пет најприслушувани во државата, а бил и цел на следење.

– Не само што се чувствувам оштетен, туку имам и реална материјална штета. Ноќта меѓу 3 и 4 мај 2015 година беше дигнато во воздух мое возило во Бардовци. Потоа ја напуштив државата, бидејќи бев предупреден дека се спремаат и други работи против мене. Имаше и низа други штети, бидејќи јас бев цел на пропагандата на тогашниот режим, изјави Ордановски.

Сашка Цветковска, рече дека од 2008 до 2015 работела во А1, Фокус и Нова, а за прислушувањето дознала на пресконференција на СДСМ кога и била поделена папка со транскрипти од нејзини лични разговори.

– Работата што ја правев вклучуваше следење на имотот на политички експонирани лица. Едно од тие лица беше и Сашо Мијалков. Објавивме неколку истражувања. Ние во тоа време бевме напаѓани дека сме предавници на државата. Нема да зборувам за притисоците понатаму, а за тоа ќе доставам докази, изјави Цветковска.

Адвоктатот на Гордана Јанкуловска, Љупчо Шврговски, на почетокот до судот поднесе образложение и побара на листата на оштетени да биде додадена и Јанкуловска, бидејќи таа е обвинета во предметот Тврдина.

Процесот го води судијката Џенета Бегтовиќ, а застапници на обвинението се Ленче Ристеска, Трајче Пеливанов и Артан Ајро.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

Поврзани новости