Орбан му оддаде признание на пилот кој летал под команда на нацистичка Германија

by fokus

Унгарскиот премиер Виктор Орбан му оддаде почит на неодамна починатиот пилот од ескадрилата 101 од времето на Втората светска војна, попозната како Пума, Ендре Франко, кој почина на 97-годишна возраст, како последен преживеан член на таа злогласна единица што се бореше на страна на нацистичка Германија.

Во чест на „нацистичкиот пилот“ над Будимпешта пролетаа три авиони Грипен, а Орбан го нарече витез и херој и го извика слоганот на единицата: Нашиот командант е храброст, а наш другар – среќа. На крајот рече дека „хероите од Пума летале во небесна машина“, пишува Јутарњи лист.

Пилотите на Пума, летајќи на германските ловци „Месершмит Бф 109“, соборија 108 американски бомбардери и авиони-ловци над Унгарија и Австрија. Летечката единица е основана во март 1944 година откако трупите на Хитлер влегоа на територијата на Унгарија во страв од Црвената армија, која веќе се приближуваше до границите на Источна Европа.

Ендре Франко се приклучи на единицата на 21 година и по само неколку часови обука беше испратен во првите борбени операции, а во мај 1945 година американските војници го заробија на австриско-германската граница. Ева Балоф, американска историчарка со унгарско потекло, смета дека е срамно што Орбан му оддаде почит на Франко, сметајќи го тоа не само како негова рехабилитација, туку и како симболична ревизија на историјата и унгарското учество во Втората светска војна на страната на силите на Оската.

Имено, Орбан со години се обидува да го рехабилитира воениот водач на Унгарија, адмиралот Миклош Хорти, за кого зборува како за „голем патриот“, обидувајќи се да го намали неговото и на Унгарија учеството во холокаустот во кој скоро половина милион унгарски Евреите починаа во текот на 1944 година и во 1945 година, кога резултатот од војната и победникот биле практично познати, а тие биле депортирани во нацистичките логори на смртта (претежно во Аушвиц).

Поврзани новости