Општина Велес плаќа рекордни суми: Си прават рани со клешти и пријавуваат дека ги каснало куче за да добијат 1.000 евра оштета!

by Fokus

Жителите на Велес се еден вид рекордери во земјава, кога се прашање пријавите дека ги нападнало, односно дека ги каснало улично куче. Само во тек на вчерашниот ден, на пример, во Полициската станица Велес се пријавени две каснувања.

На улицата ,,Петре Прличков” бил каснат осумнаесет-годишник, а пак на улицата ,,Јордан Џурнов” бил искасан малолетник. Речиси да нема ден, кога во билтенот на МВР не е регистрирано каснување од бездомно куче, а велешани се жалат дека овој проблем трае со години.

Каснатите најчесто се решаваат да бараат оштета од Општина Велес, а спогодбената исплата на оштетата изнесува 50.000 денари. Лани општината на искасани граѓани им исплатила дури 2.673.481 денари, а пак во 2019 година биле исплатени 2.266.014 денари. Сепак, како што појаснува нашиот соговорник Ристе Гиовски, од пансионот Гиовски Тим, кој веќе три години е задолжен за заловување и стручен третман на бездомните кучиња во Велес, нештата не се такви, како што изгледаат на прв поглед.

-Не можам да ви објаснам што се случува во градот, неверојатно е, но сепак тоа е вистината. Голем број на граѓани се научија дека можат да дојдат до лесно спечалени пари на сметка на бездомните кучиња, па се самоповредуваат и пријавуваат дека ги каснало куче. Секогаш излегуваме на терен по пријава, ретко кој го посочил кучето кое го каснало. И да биде уште поиронична целата ситуација, јас со раце ги заловувам уличните кучиња. Ако тоа се агресивни животни, не би било можно такво нешто, ќе треба да употребиме стрелка, да ги успиеме. Не знам какво решение може да се најде за овој проблем, водени од желбата за брза заработка луѓето се подготвени на се – вели Гиовски.

Тој појаснува дека имало случаи кога граѓани се повредувале со клешти, кинеле фармерки и се гребеле, а во болница тврделе дека ги каснало куче.

-Како ќе утврди лекарот дека раната е од забите на кучето, а не од клешта или друг остар предмет? Еве, повелете и самите истражете, искинете си стари фармерки, изгребете се, одете на лекар. Без проблем ќе биде евидентиран случајот како каснување од куче, ако така тврдите пред лекарот. Не е ова наивна работа, големи суми на пари се во прашање. Спогодбено се исплаќаат по 50.000 денари, а пак оние кои тужат, добиваат уште повисоки суми на пари. Не им е грижа што ќе мора да примат безпотребно и вакцина, на се се спремни – вели тој.

Додава дека на темата имале неколку состаноци со градоначалникот Аце Коцевски, и вели дека мора да се направат некои промени во начинот на кој се одобрува исплатата на граѓаните кои пријавуваат каснување.

-Како може да ме нападне куче, а јас да не го запомнам како изгледало? Речиси никој досега не го посочил кучето, да каже, еве го, тоа е. На сите улични кучиња без проблем им приоѓаме, ретко се случува некое да биде агресивно. Поради многуте вакви случаи, дури и кога некој навистина ќе биде нападнат и каснат, се гледа со сомнеж на него, дали тоа навистина се случило или пак лаже за да дојде до лесни пари- раскажува Гиевски.

Тој вели дека моментално кај нив се третираат 20 улични кучиња. Постапката била нивно заловување, кастрирање, чипирање, а им аплицирале и ампула против крлежи. Над 400 кучиња имале третирано досега, а ретко се случувало заловени кучиња да бидат еутанизирани, бидејќи тоа било пракса само доколку кучето било агресивно или тешко болно.

-Имавме многу проблеми и со кучињата кои се носат со комбиња од други општини и се оставаат во Велес. Зад ова стојат токму оние фирми, кои имаат склучено договор со општините, да обезбедат стручен третман за бездомните кучиња. Значи, ако во некоја општина се појават голем број на кучиња скитници, ако граѓаните се жалат, има фирми кои наместо да го решат проблемот со кучињата како што треба, според договорот, полесно им е да ги товарат во возило и да ги однесат во друга општина. Тоа е голем проблем за кој многу пати сме дискутирале, но никако да се изнајде соодветно решение, но и истите тие да бидат соодветно казнети – вели Гиовски.

Тврди дека во градот дури има и неколку адвокати, на кои им се специјалност тужбите поради каснување од куче.

-Десетици илјади евра пари од буџетот завршуваат кај оние кои пријавуваат дека се каснати од куче, или дека само биле нападнати, па претрпеле страв. Има, се случува навистина некој да биде нападнат, но овие бројки се нереални и за жал тоа е вистината – ни изјави Гиовски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости