Општина Центар ќе ги згрижи децата со церебрална парализа до изградба на ново училиште

by fokus

Децата со церебрална парализа од Дневниот центар, до изградбата на новото основно училиште “Капиштец“ ќе бидат сместени во објектот на урбаната заедница „Славе Георгиевски – Шнајдерот“, кој е во сопственост на општина Центар.

Оваа одлука, по предлог на градоначалникот Жерновски, ја донесоа едногласно советниците во општина Центар на вчерашната седница.

Локалната власт во Центар информира дека просторот е со површина од 250 м2, ќе биде целосно реконструиран, опремен и адаптиран за престој на овие лица. По изградбата на училиштето, тие добиваат на користење 300 м2 во новото училиште, со најсовремени услови и ќе имаат посебен влез во училиштето.

Новиот простор кој ќе го користат наредните две години е во согласност со стандардите за пристапност, движење и опслужување на лицата кои се движат со помагала и ќе има соодветно адаптирани тоалети.

За жал, рекоа родителите, сите во оваа држава немале разбирање за специфичните потреби на лицата со попреченост на кои треба да им се дадат сите можности да ги уживаат правата и обврските кои се дел од едно хумано општество.

„Многу од тие врати пред нас останаа затворени. Дали овие тешки врати некогаш ќе се отворат за нас и дали ќе покажат малку повеќе почит и грижа за оние кои не знаат да се бунтуваат, туку само чекаат и молат. Децата и лицата со попреченост не се само статистички податок, тие се личности со име и презиме и имаат право на живот. Ние сме како водата, таа секогаш оди само напред и не се врти назад за да види кој пие од неа. Препреките ги пробива или мудро ги заобиколува. Ниеден камен не ѝ е дораснат“, рече еден од родителите на Здружението на деца заболени од церебрална парализа.

Претставници на Здружението на родители на деца заболени од церебрална парализа присуствуваа на седницата на Советот на општина Центар и беа задоволни од одлуката и од разбирањето на општината за потребите на нивните деца.

 

Поврзани новости