Општина Прилеп реагира: Нема да убиваме кучиња, туку предложивме измена на законот за еутаназија

by Фокус

Општина Прилеп ја демантира веста која беше објавена во повеќе медиуми дека ќе се врши еутаназија на кучиња. Во реакцијата објавена на официјалната страница на општината се вели дека не се работи за убивање на кучиња со цел превенција од лајшманиоза, туку само бил даден предлог за измена на законот за еутаназија на кучињата со цел превенција на болеста кај човекот.

-Општина Прилеп остро ги демантира наводите објавени на ТВ Сител на 05.06.2018 г. и порталите коишто ја презеле дезинформацијата, дека „Градот Прилеп ќе врши еутаназија на кучињата“. Со овој наслов и извадена изјава од контекст, се спинува основната информација дадена на прес конфренцијата, по координативната средба што на иницијатива на градоначалникот Илија Јованоски истиот ден (05.06.2018г.) се одржа во Општина Прилеп, со цел превенција на лајшманиозата примарно кај човекот, а потоа кај кучињата. Основната информација е дека на оваа координативна средба, меѓу претставниците на надлежните служби и здруженија на одгледувачи на домашни миленици и нивна заштита, даден е предлог, да се изврши измена на законската регулатива за еутаназија на кучињата со цел превенција на болеста кај човекот. Но, за да се реализира една ваква иницијатива, сигурно дека претходат дебати кои што задолжително ја вклучуваат „Анима мунди“, Кинолошкиот сојуз и сите други асоцијации за заштита на животните – наведено е во реакцијата.

Здружението за заштитана животните ,,Анима Мунди’’ вчера упати отворено писмо до градоначалникот и надлежните служби во Општина Прилеп, во кое побара да се запре со кревањето паника во однос на бездомните кучиња.

-Се обраќаме до градоначалникот, советот и надлежните служби на општина Прилеп, како и до директорот на Агенција за храна и ветеринарство, итно да се запре со кревањето паника и страв во однос на бездомните кучиња во Прилеп, како и информациите за епидемија од лајшманиоза во општината и најавите за убивање на бездомните кучиња во градот. Станува збор за сериозни шпекулации и дезинформации кои ги ставаат на удар кучињата, кои сами по себе никако не можат да бидат извор на болеста која се шири саму преку инсект (мушичка), за што е потребно градот да врши редовна дезинсекција, а не да најавува и спроведе убивање на животните. Цената на незнаењето на градот да се справи со прекубројноста на бездомни животни преку масовна стерилизација и казни за неодговорно сопствеништво (напуштање на милениците на улица и неконтролираниот расплод) не смее да ја плаќаат животните кои се на улица, но не по своја вина. Граѓаните мора да знаат дека болеста не се пренесува преку кучињата преку никаков контакт – допир, галење, играње, а ниту пак со угриз од животно, туку исклучиво преку мушички преносители и само со нивно сузбивање се сузбива ризикот по човечкото здравје. Најавата за масовна појава на лишманија не е ништо друго освен сеење страв, паника и поттикнување на агресија, насилство кон животните, кое оди во прилог на нивно брутално и масовно убивање – реагираат од здружението.

Вики Клинчарова

Поврзани новости