Општина Липково ќе гради спомен кула од 200.000 евра во чест на ОНА

by fokus

Речиси 200.000 евра општина Липково ќе потроши за изградба на спомен кула во Слупчане, во чест на ОНА.

Договорот за изградба бил склучен минатиот месец, а вчера беше објавен на сајтот на Бирото за јавни набавки. Спомен кулата ќе ја гради фирмата „Хоџа инженеринг“ од Куманово, која има рок изградбата да ја заврши за шест месеци, односно до 25 ноември. Договорот, со вклучено ДДВ е склучен на сума од 12.115.109 милиони денари, или приближно 200.000 евра.

Токму на местото, каде што треба да се изгради спомен обележјето, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на 20-годишнината од воениот конфликт, положи свежо цвеќе, со ветување дека спомен кулата набрзо ќе биде изградена.

-Секако дека денеска почнуваат работите. За изградбата на овој споменик, како што кажав, во спомен на паднатите борци, ОНА, мајките, жените, сестрите од оваа зона. На 28 ноември овој споменик ќе биде завршен, изјави Ахмети.

Градоначалникот на Липково, Еркан Арифи, пак, призна дека изградбата на споменикот доцни. До сега се поминати разни процедури, а урбанистичкиот план на општината започнал во 2015, вели тој.

-Како градоначалник на општина Липково наидов на затворање и завршување на урбанистичкиот план. Можеби ова е единствен споменик со камен темелник, со дозвола за градба, со урбанистички план, има еден главен проект, ревизија на проектот, што значи дека е легален и е регистриран во Министерството за транспорт и врски и катастарот на РСМ, истакна неодамна Арифи.

Валентина Вурмо

Поврзани новости