Општина Аеродром потпиша Меморандум и го направи првиот чекор за изградба на голф-терени

by fokus

Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин и претседателот на Македонската голф-федерација, Наум Јанакиев, денеска потпишаа Меморандум за соработка со што се отвора патот за изградба на голф-терен во Аеродром.

-Потпишувањето на овој Меморандум е од огромно значење за Општина Аеродром, затоа што отвора едно сосема ново поглавје во областа на спортот и популаризација на голфот во нашата држава. Интензивно ќе работиме на реализација на идејата за изградба на првите голф-терени во нашата земја, изјави градоначалникот Марин.

Тој додаде дека изградбата на голф терените ќе ја стави Општина Аеродром на мапата на светските дестинации и за развивање на голф-туризам по примерот на земјите од регионот.

-Потпишувањето на Меморандумот за соработка е од големо значење како прв конкретен чекор за исполнување на амбициите за изградба на голф-терен во нашата држава. Ова претставува развојна платформа за нас како федерација, но и уште позначајно за нашите членки-клубови во Федерацијата, на кои со оваа поддршка им се создаваат услови за полесно и побрзо да стигнат до конкретна реализација на голф-проекти во Општина Аеродром“, изјави претседателот на Голф-федерацијата, Наум Јанакиев.

Изградбата на голф-терените е еден од капиталните проекти во рамките на стратегиската платформа „Аеродром – прва општина со европско знаменце“.

Терените, како што предвидуваат од локалната самоуправа, ќе се градат во руралниот дел на Аеродром, односно во селото Лисиче и ќе се протегаат на површина од 15 хектари. За нивна изградба и ставање во употреба се потребни 2,5 милиони евра. Дел од средствата за овој проект е планирано да се обезбедат преку Европската Унија преку грант за рурален туризам, а другиот дел ќе го бараат од домашни компании.

Поврзани новости