Опозицијата ги обвинува Груевски и Трајановски за поплавите

by Фокус

Дамјан Манчевски, потпретседател на СДСМ и Љупчо Николовски, член на Извршниот одбор на партијата, денеска на прес-конференција обвинија дека поплавите кои се случија на почетокот на минатиот месец, се случија поради неодговорноста на поранешниот премиер, Никола Груевски и градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.

– За никогаш да не ни се повторат вакви штети од поплави, ние ќе изградиме ефикасен систем за одбрана на Скопје од големи води. Ќе ги уредиме сливните подрачја, ќе ги исчистиме речните корита и каналскиот систем. Ќе го заштитиме Скопје од порои. Ќе ја санираме скопската обиколница, за да не ги поплавува куќите на жителите од Стајковци и другите населени места – рече Манчевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагираа дека социјалдемократите не се заинтересирани за безбедноста на граѓаните и нивниот имот, туку политички да профитираат, злоупотребувајќи ја трагедијата на граѓаните.

„СДСМ е со години против одделувањето општински пари за чистење на одводните канали. Советниците на СДСМ со години не гласале за субвенционираното чистење на одводните канали во корист на граѓаните кои имаат земјоделско земјиште и барале повлекување на точките од дневниот ред. Скандалозно и непоимливо, надвор од границите на здравиот разум“, пишува во соопштението на владејачката партија.

Поврзани новости