Опело за Македонија

by Fokus

Некогаш се пеело опело над загинатите јунаци, а денес, ако продолжиме вака, многу лесно може да се случи да пееме опело за Македонија

 Пишува Ѕвонко ДАВИДОВИЌ

Во богатата историја на македонскиот народ, тука ја вбројувам и поновата историја во периодот на Втората светска војна и Југославија, многупати сме биле ставени пред искушение да го избереме пократкиот и полесен пат, кој барал да ја наведнеме главата и да се откажеме од себеси, или да го одбереме подолгиот, но праведен пат, кој бара многу жртви и откажувања.

Секогаш сме го избирале поправедниот пат, долг и тежок, макотрпен и поврзан со многу жртви и откажувања, но токму тој пат и дух, идејата што нè водела напред, нè соочувале како народ со свој идентитет и своја национална гордост.

Во таквите мигови и историски премрежја, кога опстанокот бил загрозен, кога најлесно било да се наведне главата и да се прифати наметнатата судбина и ултиматум, сме знаеле да кажеме НЕ, и тоа можеби некому се чинело неразумно и безумно, но секое такво НЕ го создало патот кон она што го имаме денес – своја држава.

ДА СЕ БИДЕ ИЗМЕЌАР

Постелан е тој пат со крвта и коските на многу Македонци што го почитувале својот корен и ген, кои ја гледале иднината во идејата да се биде свој на своето, а ја отфрлале сегашноста да се биде измеќар некому.

Биле свесни дека таквиот пат кон иднината е крвав и мачен, неизвесен и трнлив, но е гаранција за вековниот сон – самостојна држава на македонскиот народ со македонски јазик и македонски обичаи, култура и херои.

Таквите идеи и визии не ги исклучувале другите народи и националности што живеат на овие простори, ниту ги негирале, напротив ги сметале за браќа со еднакви права и слободи.

Најлесно било да се свитка грбот, да се наведне главата и да се затворат очите пред стварноста и да се прифати неприфатливото. Најлесно било да се каже дека ние сме мали, големите така сакаат и тие решаваат за нас.

Најлесно било да се прифати наметнатото, и наместо да се дигне народот на Илинденско востание и да изгине, да се испазарат водачите за свој личен интерес.

Наместо да се бориме против 34 германски дивизии и да поминеме голгота, најлесно било да се прифати веќе склучениот пакт.

Многу вакви мигови можат да се издвојат во македонската историја и токму тие и такви мигови нè довеле до самостојна држава и до чувството на гордост дека сме биле еден од ретките слободарски народи што се борел за правдина, вистина и за слобода.

ПОЛИТИКАТА Е РЕАЛНА САТИРА

За разлика од Бугарите, Германците и Французите, не мора да ја наведнуваме главата поради нашето минато и да ја прекројуваме историјата за да го скриеме сопствениот срам и нечовечност.

Сите тие настани и идеи, положените животи и пролеана крв во минатото се легат за поколенијата во иднината за тоа што не смее по ниту една цена да се прифати.

Но, тогаш, во минатото, сме имале водачи што ја сакале Македонија и луѓе што биле сплотени околу идејата, единствени и непоколебливи околу тоа што е национален интерес на Македонија и на Македонците.

Нема да го коментирам овде Договорот, протоколот и францускиот предлог што ги коментирав во претходните колумни, па кој сака нека прочита и сам нека ги протолкува, но не можам да не кажам дека денес во Македонија, и воопшто на Балканот, политиката е реална сатира, а политичарите се комедијанти и клептомани.

Народот е хаотичен, разделен, заваден и закрвен без идеја и волја, научен некој друг да му ги реши проблемите и да му го разубави животот.

Луѓето овде се навикнати да ја наведнат главата, да кренат раце и да кажат – па големите така сакаат, навикнат е народот да биде мал, и ментално, и национално, навикнат е, не сам да создаде нешто и да направи, туку друг да му донесе и подари.

КОЈА НИ Е АЛТЕРНАТИВАТА

Дури и државата што денес ја има, за разлика од минатото, не ја создал сам и во борба, не пролеал ни капка крв, па затоа и не знае да ја цени и да ја почитува.

Родољубието и патриотизмот го има само во кафеани и на свадби, јунаци се само на слави и прослави, а на првиот истрел, како во 2001 година, родољубите се под Олимп, во Солун и кој знае уште каде далеку од овде.

Никој од квазилидерите и политикантите што нè водат и се менуваат во функционерските столчиња, не се прашал има ли право да го разнебитува она што не го создал, има ли право да го закрви својот народ и да го раздели, како никогаш во минатото, сега кога има своја држава.

Некој ќе кажат која ни е алтернативата ако не го прифатиме она што ни се нуди, одговорот можат да го најдат во историскиот говор на Черчил кога му се обраќа на својот народ како премиер пред војната.

Други, пак, ќе кажат да го прифатиме она што ни се нуди за да седнеме на маса да преговараме, но ако сега го прифатиме она што ни се нуди нема за што веќе да преговараме, затоа што барањата на Бугарите ќе бидат сè поголеми, побезобразни и побезобѕирни, а без нивното амин нема да мрднеме од место.

Некогаш се пеело опело над загинатите јунаци, а денес, ако продолжиме вака, многу лесно може да се случи да пееме опело за Македонија.

 

Поврзани новости