Опасен канцер, операција, автоимуно заболување, поминав мрачен период, посветен лекар ме врати во живот!

by fokus

Фолк пејачот Јордан Митев, по пауза од околу една година, наскоро се враќа на естрадата, како што вели, со Господ напред, со нови сили. Рестрикциите поради пандемијата со корона вирус не се единствената причина поради која популарниот фолк музичар не беше актуелен на сцената изминатиот период, туку, како што раскажува за ,,Фокус”, водел една од најтешките битки во животот. Вели дека минал низ пекол, од кој извлекол поука, дека здравјето е најважно и секогаш мора да биде приоритет.

-Фала му на Бога сега сум подобар и се надевам дека така ќе остане. Кога последен пат давав интервју за ,,Фокус” бев влезен во болничките ходници од кои што мислев дека тешко ќе излезам и дали ќе излезам.
Пред отприлика една година, ми беше дијагностициран еден од опасните канцери и поради тоа морав итно да се оперирам. После операцијата се правеа многу испитувања овде и надвор од Македонија и докторите утврдија дека станува збор за едно ретко автоимуно заболување.

Кога имаш две зла, ќе го одбереш она помалото, иако и помалото не е мало и наивно, но фала му на Бога има решение, доколку постоперативно се потврдеше дијагнозата со која ме оперираа, тогаш ќе беше најопасното. Поминав низ еден многу тежок и мрачен период кој траеше неколку месеци.
Тоа се тешки моменти, како за самиот човек, така и за неговото најблиско опкружување и не го посакувам тоа ниту на непријателот. До сега сум имал многу битки, но битката со себе е најтешка – раскажува музичарот.

Додава дека сега е добар, внимава на своето здравје, на исхраната, и е благодарен што наишол на посветен лекар, кој буквално го вратил во живот.

-Полека почнав да губам контрола на бродот, но за среќа наидов на посветен лекар кој ме врати во живот. Тој е доктор од Македонија, еден од оние, квалитетните и посветените, кои навистина се ретки. Да го имав уште на почетокот на дијагнозата, немаше да останам четири месеци без сон.
Од тој пекол извлеков една поука, а тоа е дека навистина здравјето е најважно и треба да се чува додека човек го има, кога ќе го изгуби мора тешко се санираат работите.

Поради таа причина морав да застанам со работата и да се посветам на себе. После неколку месеци од терапијата со голема моја упорност и желба за живот ја снимив песната ,,Татко” и за истата реализирав видео запис. Тоа е мојот последен проект. Оваа година можам да кажам дека е далеку подобра од предходната, тоа мислам дека го чувствуваат сите и полека планетата се навикна да живее со вирусот. Секако да се вратиме на тоа што бевме најверојатно на сите ќе ни треба повеќе време. Но, пак ќе кажам само здравје, се ќе биде- појаснува Митев.

Околу актуелните случувања на естрадата, вели дека веќе е уморен да ги коментира. Според него, тешко дека може да се оди напред, посебно поради тоа што, како што раскажува, кај нас мајстор потешко може да се најде, отколку музичка ,,ѕвезда”, бидејќи сите се фаќаат за микрофонот.

-Не сакам да звучам песимистички, но тешко дека ќе не биде, не со тој професионален ментален склоп, не со тој пристап, не со тие сфаќања, не со тој морал и етика. Во Македонија сега мајстор за било што не можеш да најдеш, инаку пејачи и свирачи кои сакаат да се таканаречени ѕвезди колку сакаш.

А, се поставува прашањето колку од тоа вистински нешто вреди и може долгорочно да опстои и не само да опстои, туку и да остави сопствен печат. Многу пати кажав и пак ќе повторам, нивото е ниско, тоа е затоа што поголема е масата кое го држи нивото ниско, и одреден процент колку и да сакаат да се креваат нагоре, не можат, бидејќи кантарот на едната страна повеќе влече.

Било кој што се занимава со оваа професија врз база на своите пријатели, роднини, познаници, ќе фати некоја таканаречена тезга. Во една група од шест члена, секој со шуш- буш да донесе по пет свадби, тоа ви се 30 свадби во годината. А, ние да не сме 20 милиони народ, па да можат да опстојат секакви. За жал, не сме. Имам уште многу да кажам, но ајде… извинете што сум искрен – вели Митев.

Порача дека наскоро се враќа на сцената и продолжува посветено со работа, по се што му се случило периодов.

– Сметам дека тоа што го создавам има вредност и во целата оваа џунгла сепак ќе се најде одредена маса на луѓе која што тоа ќе го препознае. Наскоро се враќам со нови сили, со Господ напред-раскажа музичарот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости