Онлајн гласањето в четврток на дневен ред на седница, мнозинството во обид да обезбеди гласови

by fokus

Предлогот за дополнување на Деловникот за работа на Собранието, по скратена постапка, што предвидува вклучување на далечина на пратеници со Ковид-19 и во самоизолација во работата на Параламентот и работните тела, е ставен на дневен ред на седницата што првиот човек на законодавниот дом Талат Џафери ја закажа за в четврток, 26 ноември.

Сепак, не се знае кога можноста за онлајн вклучување на пратениците ќе стане реалност имајќи предвид дека за да се донесе Предлогот на мнозинството му требаат 61 пратеник што во моментов ги нема поради отсуството на неколкумина пратеници од здравствени причини, дел поради Ковид.

Од друга страна опозициските партии предводени од ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса на Албанците и Алтернатива се противат на какво било онлајн работење на Собранието посочувајќи дека на таков начин владејачкото мнозинство сака да го прикрие тенкото мнозинство од само 62 пратеници и оти со тоа ќе се прекрши член од Уставот. Владејачките парламентарни партии сметаат дека треба да им се овозможи на пратениците да работат од дома само кога за тоа пратеникот ќе има решение од соодветна задравствена институција, а во предлогот се пропишани и начинот на повикување на пратеникот и изјаснување. Дотолку повеќе што колку без доволен број пратеници, владејачкото мнозинство не може да носи закони за коишто смета дека се потребни за спреоведување на мерките за ковид-кризата а за кои нема секогаш поддршка од опозицијата. Исто така е важно да се потенцира и дека утре почнува и комисиската расправа за Буџетот за 2021 година.

Претпладнево во Собранието се одржува редовниот координативен состанок на пратеничките групи со претседателот Талат Џафери, после кој би можело да се знае дали, сепак, опозицијата се премислила или владејачкото мнозинство ќе чека момент кога во салата ќе има доволен број пратеници за да ги донесе дополнувањата на Деловникот.

Со дополнувањата се предвидува во член 30 од постојниот Деловник по ставот 1 да додадат два нови става – 2 и 3, кои се однесуваат на здравствената состојба и како треба пратеникот да постапи.

„Доколку присуството на пратеник на седница на Собранието претставува ризик за здравјето на останатите пратеници, пратеникот е должен за тоа веднаш да го извести претседателот на Собранието и да го извести дека на седницата ќе учествува и одлучува од далечина. Пратеникот истовремено електронски му доставува на претседателот документ од надлежен орган со кој потврдува дека не може лично да присуствува на седница на Собранието“.

Поврзани новости