ОН: Насилството врз жените е поголема причина за лошо здравје, отколку сообраќајните несреќи и маларијата заедно

by Fokus

Под мотото „Обојте го светот портокалово: Генерацијата еднаквост против силувањето“ започнува одбележувањето на Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените. Со ова започнува 16- дневниот активизам што ќе заврши на 10 декември 2019 година, што е пак Меѓународен ден на човековите права.
Обединетите нации наведуваат дека се поразителни бројките за насилството врз жените и девојчињата во светот.

Според извештаите на ОН, насилството врз жените е сериозна причина за лошо здравје кај жените, повеќе отколку сообраќајните несреќи и маларијата заедно. Тоа може да предизвикува смрт и неспособност кај жените во репродуктивна возраст. Секоја трета жена и девојче биле жртви физичко или сексуално насилство во животот, најчесто од страна на партнерот. Само 52 проценти од жените во брак или во врска слободно носат одлуки за сексуалните односи, употреба на контрацептивни средства и здравствената заштита. Исто така  Речи 750 милиони жени и девојчиња стапиле во брак пред нивниот 18. роденден, додека 200 милиони жени и девојчиња претрпеле осакатување на гениталиите. Во 2017 година секоја втора жртва била убиена од нејзиниот партнер или семејството, додека во слични околности тоа му се случило на секој 20 маж. Над 70 проценти од жртвите на трговија со луѓе ширум светот се жени и девојчиња, а секоја трета од нив е сексуално експлоатирана;

Генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш по повод 25 ноември апелираше да се стави крај на сите видови насилство против жените и девојчињата.

– Овие злоупотреби се меѓу најстрашните, најупорните и најраспространетите кршења на човековите права, а со нив се соочува секоја трета жена во светот, истакна Гутереш.

Тој додаде дека „сексуалното насилство врз жените и девојчињата е последица на вековите машка доминација“.

– Да не заборавиме дека родовите нееднаквости што ја поттикнуваат праксата на силување се всушност проблем на неурамнотежена распределба на моќта. Силувањето сè уште се користи како ужасно воено оружје. Сето тоа мора да се смени, веднаш, наведе Гутереш и упати апел до владите, приватниот сектор, граѓанското општество и сите луѓе на целиот свет цврсто да застанат против сексуалното насилство и омразата кон жените (мизогинија).

Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените е востановен на првиот состанок на феминистките од Јужна Америка и Кариби (Feminist Encuentro) во 1981 година во Богота. Првпат жените отворено зборуваа за семејното насилство, силувањето и сексуланото злоставување, како и насилството на кое се изложени жените од страна на режимите, вклучително тортурата и насилството врз политичките затворенци.

Дваесетти петти ноември е избран како ден на сеќавање на сестрите Мирабел – Патрија, Минерва и Марија Тереза, кои беа брутално убиени од диктаторот Рафаел Трујило во Доминиканска Република во 1960 година.

Генералното собрание на Обединетите Нации со резолуција 54/134 на 17 декември 1999 година официјално го потврди 25 ноември за Меѓународен ден за борба против насилство врз жените, на што претходеше Декларацијата за борба против насилство врз жените од 20 декември 1993 година.

Декларацијата го дефинира насилството врз жените како „каков било акт на родово базирано насилство, што резултира во или може да предизвика физичка, сексуална или психолошка штета или страдање кај жените, вклучително и закани од такви дела, принуда или произволно лишување од слобода, без оглед дали се случуваат во јавен или во приватниот живот“.

Насилството врз жените и девојчињата (VAWG) е едно од најраспространетите, постојани и погубни кршења на човековите права, а најчесто останува непријавено поради неказнивоста, молкот, стигмата и срамот на жртвите.

Насилството врз жените и девојчињата има повеќе облици – физичко, сексуално и психолошко.

Додека родово-базираното насилство може да се случи на секого, каде било, некои жени и девојчиња се особено ранливи – на пример, млади девојчиња и постари жени, жени кои се идентификуваат како лезбејка, бисексуалци, трансродови или интерсекс, мигранти и бегалци, домородни жени и етнички малцинства или жени и девојчиња кои живеат со ХИВ и хендикеп и оние кои живеат преку хуманитарни кризи.

Насилството врз жените продолжува да биде пречка за постигнување еднаквост, развој, мир, како и за исполнување на човековите права на жените и девојчињата.

Поврзани новости