Оливера Трајковска: Има ли светла точка по црвената линија?

by Фокус 12:36
12:36

Преку радиото стапна на телевизиско тло. Нејзиниот татко ѝ сугерира да биде адвокат. Избра да ги црта линиите на екраните. Пулсира во убавите спомени на телевизиските ѕвездени моменти, кои, за жал, тешко е дека ќе се вратат. Пако е ликот со кој утрински ѝ почнува денот. Со нејзината сестра, и покрај разликата од 14 месеци, живеат како близначки, испреплетени со своите животни приказни, и покрај различните карактери.

- Advertising -

Не верува во опцијата празно столче во студио. Тоа го предвидува, иако тешко се надополнува заради рамнотежа денес. Вага која континуирано сака да се движи во склад со сопствените убедувања и волја. Независна, со точно определен круг на луѓе со кои ја споделува својата интима.

Кумановка, според која не постои провинциско место. Секаде може да најдете 600-700 луѓе кои ќе  наполнат една сала и ќе го задоволат гладот за комуникација, дебатирање и за размислувања. Токму тоа е нејзината водилка во периодот кога сака да смени одредени нешта во Куманово.

Не сака промени, па дури смета дека нема да се чувствува комотно ако ја смени фризурата или бојата на карминот. Тоа би ја приковало за анализа на мониторот, наместо суштинска поента на разговорот што го води со гостите.

Сака кафе. Сака кога вкусот на овој пијалак ѝ ги разгалува сите нејзини сетила, и вкус и мирис. Сака кога точно го  чувства богатството на аромата кое го доловува уште со првата голтка. Тоа не е само пијалак со кафена боја. Токму со кафето почна нашето дружење во Скопје Сити мол. Во кафулето „Бруклин“, уживајќи во галењето на првите сончеви зраци во март, го почнавме враќањето на нејзиниот професионален филм.

ФОКУС: „Пулсирања“, МТВ, некои други времиња. Кога ќе си го вратите филмот назад, паралелно со градењето на државноста на нашава земја, се градеше вашата кариера. Се исполнија ли очекувањата што ги имавте на стартот? 

ТРАЈКОВСКА: Јас пред да почнам во „Пулсирања“, работев во радио. Тоа требаше да биде моето прво телевизиско искуство.  Се собра една екипа, која првенствено ја создаваше покојниот Никола Младенов. Кога ми се јави да работиме, му одговорив дека прво сакам некој да ми направи видеотест. Јас како и многу луѓе имам резерви кон луѓето што се појавуваат на телевизискиот екран, а со право. Причината е сосема едноставна, може да го имате оној стаклен поглед кој едноставно го препознаваат како камерата не ве сака.  Можеби не сте подготвен да размислувате пред камера, посебно доколку искуството пред тоа е радиско. Целата гестикулација ви е различна. Се сеќавам дека кога им предложил на луѓето од образовната програма, чиј дел беше и самиот, да го направиме тој тест, тие изреагирале, па добра дали таа е нормална? Тука се слика секој.

Инаку тоа беше првото отворање на националната телевизиска куќа за програми што одат во живо, а тоа се случуваше точно во оној период кога се распаѓаше ЈРТВ, па буквално имаа потреба од нови луѓе. Тука беше собрана една убава екипа на луѓе во која беа Никола Младенов, Зоран Костов, Гиш, Антонио Димитревски, Ведран Андоновски, Анета Андонова… Па, мислам дека телевизиите денес со прајм-тајм не можат да соберат таков состав како што тогаш имаше на располагање националната телевизија за некаква саботна емисија за млади.

Сите бевме ентузијасти. Би сакала да споделам дека првото свое интервју од станувањето шеф на државата, Киро Глигоров го даде за „Пулсирања“. Се сеќавам, искусните камермани и сниматели, меѓу кои беше и Франц, кога разбраа дека јас сум таа што ќе го прави интервјуто, им се тресеа рацете да не се посрамиме кај претседателот. Но, Глигоров имаше еден талент да ги релаксира ситуациите, па брзо му стана јасно дека проблемот е во екипата. Ние во новогодишната програма, која траеше 5 часа, направивме пресек од сето она што беше елита во политиката, културата и во музиката. Она што е важно е дека сите останаа цели 5 часа во студиото, од гостите до екипата што ја реализираше програмата, па дури и самиот Глигоров. Тоа беше она време кога се појави Ена Веко, почна да заживува македонската музичка сцена. Пулсираше на некој друг начин.

ФОКУС: Без наслов, но со повод беше нешто што беше револуција во свое време, а во денешно, пак, само убав сон на тие што очекуваат скокоткање на нивната перцепција пред ТВ екранот. Каков беше односот на раководните лица во тоа време, со оглед на тоа дека вие не бевте дел од тие со постојан работен однос, бевте хонорарец. Имаше ли некакви непристојни предлози што смее, а што не смее да се прашува? 

ТРАЈКОВСКА: Јас немам проблем со статусот хонорарец или вработен. Во тоа време важеше правилото дека хонорарците го носеа товарот на работата врз сопствениот грб. Во националната телевизија во тоа време, јас имав среќа што двата проекта во кои работев, имаа исклучителна екипа на луѓе. Тоа беа тие златни мигови во кои, за среќа, се најдов и јас. Таму важеше правилото, кое не е напишано, дека некои луѓе пред тебе ја довеле таа куќа до одредено ниво, па ние можеме да продолжиме благодарение токму на тоа ниво. Речиси сите ние ги знаеме сите анегдоти за Солдатов. Сите сакавме да поминеме по неколку часа кај Благоја Крстевски или кај  Лилјана Крстева. Сите сакавме да ги запознаеме ѕвездите кои веќе беа тука. Ние, скоро и  никогаш не го спомнуваме Мице Јанкуловски, кој на одреден начин беше таткото на тој  проект за шанса на нови луѓе. За мене тоа е време на една професионална радост.

Ние ѝ припаѓавме на куќата иако бевме хонорарци. Сите заеднички се радувавме на секој нејзин проект. Знаевме дека секој нов добар проект нѐ маркира нас како екипа, која е подготвена да ја преземе програмата што доаѓаше во времето пред нас од другите југословенски центри. Мислам дека тој ентузијазам, таа професионалност, солидарност и радост за успехот на другиот невозможно е да се види во приватна телевизија, па дури невозможно е и за националниот сервис денес. Денес, за разлика од тоа време, националната телевизија се набљудува каков центар со кој се диригира.

Ние, доколку ни се покажеа одредени граници, знаевме да ја откажеме емисијата, а тоа создаваше пекол во нашата редакција. Затоа забраната како опција беше исклучена, а тоа беше здраво во таа медиумска битка. Љубчо Георгиевски беше наш редок гостин, и покрај тоа што важеше за забранет човек во телевизијата.

ФОКУС: „Без наслов, но со повод“ беше емисијата што ги празнеше улиците во тоа време, а сега тоа се случува само кога има серија, евентуално ако играме некаков интересен меч. Што се случи, по 20 години требаше да имаме плодна продукција на емисии кои ќе го дразнат вниманието на публиката, а изгледа создадовме публика во депресија која се пронаоѓа во лик од ТВ сапуниците? Каде е грешката? 

ТРАЈКОВСКА: Не е некој посебен чекор напред политичка емисија да ги празни улиците. И ние во тоа време имавме конкуренција, ја имавме „Касандра“. Дури и главната актерка во серијата дојде на Градскиот стадион во Скопје. По мене, не е нормално да оценувате во кој правец се движат работите,  доколку телевизиски производ што ги празни улиците е политичка емисија. Но, ако се  има предвид тој временски период, луѓето имаа потреба да го гледаат тој баражен оган меѓу понудените опции. Доволно култивиран за телевизиска изведба. Со тоа ние почнавме да чекориме кон легитимација на политичките гледишта.

Денес е невозможно, барем од она што јас можам да го спознаам, да се случи проект како „Без наслов, но со повод“. Тажно е тоа. Во тие 4 часа ние имавме сѐ. Јас не се сеќавам на опцијата празно столче. Ние бевме во позиција да избираме гости. Денес, ние молиме евентуално некој да се појави за да имаме некаква дебата. Сериозноста на тој проект ја даваше и идејата, во тоа време, дека политиката треба да се добие на јавна сцена.

Денес политичарите медиумите ги доживуваат како нужно зло. Телевизиската размена на гледишта, која не мора да биде гладијаторска, може да биде култивирана, е сведена на минимум, иако минаа 20 години. Затворањето на А1 телевизија покажа дека тука веќе нема никаков отпор. Преку ноќ гледате како публиката на А1 се сели заедно со „Кога лисјата паѓаат“ на Сител, додека тие овој момент го користат во пакетот серии, да ги вметнат своите вести. Ова е доказ дека публиката е номад кој со копчето покажува дека на одредени медиуми се закачува поради сериите. Токму затоа сериите се најгледаниот телевизиски продукт денес. Тоа е на одреден начин е идеја за егзил од сопствениот живот.

ФОКУС: Не посакувате ли понекогаш да се сретнете со своите тогашни колеги и да спакувате еден нов ТВ медиум? 

ТРАЈКОВСКА: Никој никогаш не ни ја кажа цената на телевизискиот производ „Без наслов, но со повод“. Чинам дека така галантно може да се однесува само сериозна медиумска куќа, како што е националниот сервис. Само таа може да издржи 5, 6 новинари, а можеби беа и повеќе во таков продукт. Во приватна телевизија едноставно, невозможно е да бидат задоволени толку многу новинари во еден телевизиски пакет. Рекламниот колач е толку многу опустошен од политичките влијанија. А таквиот проект бара сериозни рекламери за да се одржува. Да бидам искрена, и климата веќе не е иста. Ние повремено се собираме за да евоцираме спомени, да се насмееме, да споделиме мислења. Но, тука завршува сѐ.

Март е месец на среќата, на женските насмевки, на цвеќињата. Токму поради ова одлучивме да ја мотивираме насмевката на Оливера со цвеќињата што разгалуваат. Токму ова место беше најпосетуваното во текот на минатата недела во Скопје Сити мол.

ФОКУС: Сметате ли дека поради вашата одлука да ја градите кариерата на новинар, на моменти ја запоставивте можеби кариерата како семеен човек? Вие сте постојано врзани со вашата сестра, секогаш сте ѝ на дофат на рака, истото го добивате од неа. Никогаш не посакавте да имате свој наследник? 

ТРАЈКОВСКА: Овие работи веројатно никогаш не се разгледуваат, без оглед на тоа дали сте ја определиле формата брак или не. Тоа едноставно ви се случува, а вие понатаму донесувате одлука како понатаму ќе се справите со тоа. Мене не ми се случи, и покрај тоа што не ми беше туѓа ниедна опција во однос на тоа што е дете, вклучително и посвојување. Сега некако ја чувствувам фазата во која сакам да се насочам кон некој што конкретно ќе го има центарот во мојот простор. Сега ја чувствувам потребата за нешто што се вика давање и создавање, притоа не го поврзувам со тоа дали ќе излезе од мојата утроба или ќе биде посвоено. Јас полека станувам свесна за  тоа нешто кое ќе биде покрај мене,  но еве уште не сум ја комплетирала таа одлука.

ФОКУС: Пако е ликот околу кој се врти вашиот свет. Како една Вага се справува со потребите на својот миленик?  Претпоставувам тоа е ликот што ве релаксира од сите грижи со кои сте соочени ?

ТРАЈКОВСКА: Пако е бишон, стар година и пол. Креаторот  на мојата фан-страна на Фејсбук добива дозвола од мене да закачи некои фотографии на Пако повремено. Тоа го правам за да покажам дека тој има повеќе лајкови од мене. Понекогаш помислувам да го донесам во студио за да предизвикам гледаност, а како што стандардите се изместени во последно време, не би ме изненадило тоа навистина да биде така.

Пако е една убава радост и промена која ме снајде по двете мачки кои беа негови претходнички. Јас бев навикната на себичноста на мачките, а Пако е сосема поинаков. Ова е навистина убава грижа. Пако по потекло е од Србија. На шега, понекогаш знам да кажам дека дома сега сме парламентарни. Пако се раздели со опозицијата поради вувузелите во декември, па кога на врата се појави Жерновски, тој покажа најотворено непријателство кон него. Јас бев принудена да објаснам дека Пако е вмровец, ете и неговиот противкандидат Тодоровиќ, и самиот има бишон. Ми овозможува малку хумор затоа што реагира на гласови што не му се допаѓаат на екран. Распознава шпици.

ФОКУС: Вие сте постојано врзани со вашата сестра, секогаш сте и на дофат на рака, истото го добивате од неа. Не сте близначки, иако оставате таков впечаток?

ТРАЈКОВСКА: Со сестра ми сме разлика 14 месеци, но секогаш живееме како да сме родени близначки. Заедно одевме во училиште, во исто одделение. Седевме заедно, во иста клупа. Секако имаме и разлики во карактерите. Таа е многу потемелна од мене, поорганизирана, мене ми е поважен впечатокот, како на секоја Вага. Од неа барам совет во врска со оние нешта кои јас едноставно одбивам да ги следам.

ФОКУС: Еден астролог, изработувајќи ја вашата натална карта вас ве опишува на следниов начин:  Да се оди напред, континуирано да се движи во склад со сопствените убедувања и волја! Независност и слобода, без разлика на мислењето на опонентите. Навистина ли Оливера е таква како што ја опишуваат ѕвездите ? Ставате ли сѐ на кантар како Вага?  

ТРАЈКОВСКА: Мојот единствен мотив е стравот од јавен пораз. Јас никогаш не гледам реприза на моите емисии. Сметам дека постојано ќе наоѓам недостатоци, од формулации кои сум ги направила во моментот на расчекор од една идеја до друг податок кој ми се видел интересен. Едноставно е, јас сум човек што не може да стои во тоа што не може да го поправи. Затоа постојано се  насочувам кон тоа што следи. Не може грешките да ти бидат поука, да не ги повториш. Некогаш грешките едноставно се случуваат, и покрај најдобриот план. Некогаш тие не зависат од вас. Но, она што го научив е вештината да се извлекувам од тие ситуации.

Порано ми беше важно каков е впечатокот на луѓето, во смисла дека тоа е моја изведба, па дури и да не им се допадне, тоа не е така поради тоа што некој го нарачал. Сега ми е сеедно. Уморна сум од приказните за нарачките на штабовите. Ние ги надживеавме кариерите на Глигоров, Црвенковски и на Георгиевски, професионално растевме.  Е сега, дошле некои деца кои понекогаш ни самите не знаат што сакаат во својот проект, па зарем ним треба да им слугувам? Јас немам проблем во мојата аргументација да препознаваат дека мене лично ми е поблиска левата опција. Но, тоа не значи веднаш дека мене блиска ми е СДСМ. Дури кога ми доаѓале од таму, токму поради тој факт, јас сум била и понепријатна со нив.

Понекогаш сум желна да ги поставам на интернет моите поранешни емисии, за да може да се согледа разликата. Еве на пример, мојата емисија во која гостуваше Владо Бучковски, кој важеше за мој пријател. Неговиот тим беше многу непријателски настроен кон мене по тоа негово учество, а тој кажа: „Таа има само еден час на нејзино поле, а ние имаме цел еден мандат за да ја демантираме“.

Кога ја спремав емисијата во која гостуваше Трифун Костовски, на телевизија случајно ја проследив прес конференцијата   за едицијата „Ѕвезди на светската книжевност. Таму премиеротот Груевски спомена дека делото на Ребека Вест целосно се однесува на Македонија. Сосема е ретко некое врвно дело на светска култура да има таков увид во нашата култура и нашиот живот.Јас се завртев кон мојата библиотека и погледот ми падна на двете изданија на ова дело од Ребека Вест. Едното на англиски, другото на српски.  Таму не се зборува само за Македонија. Има едно убаво парче во кое се зборува за Македонија, а претпоставувам дека ни Трифун Костовски не знае дека токму ова убаво парче во книгата е посветено на црквата која тој ја возобнови. Посакав да ја понесам книгата на српски на емисија, да му ја покажам на Костовски. Во еден момент додека го читав пасусот, ја затворам книгата и си велам себеси: „Ма дај Оливера не  будали се. Кого тоа го интересира денес“. Пред 15 години јас би се радувала кога би можела интервјуто со гостинот  да го однесам во таква насока. Сега едноставно немам таков предизвик веќе.

ФОКУС: Обично сите ние сакаме да живееме во сенка на родителите. Често дури и под импресии од нив ги избираме нашите професии. Имате ли понекогаш дилема зошто не се одлучивте да бидете професор наместо новинар? 

ТРАЈКОВСКА: Татко ми сметаше дека треба да станам адвокат. Знам дека дома имавме задача во  петок навечер да го гледаме Драган Бабиќ. Јас ништо не разбирав, ама знам дека тоа ни беше задача. Ние гледавме во  тој господин,  доктор на науки, кој изгледаше исклучително. Она што мене ми остави најголем впечаток е дека тој и Лив Улман се вљубија на телевизија. Јас иако бев дете, ништо не разбирав, но точно ја почувствував таа енергија меѓу нив. Тој потоа дури и замина со Лив Улман.

Кога татко ми спремаше испит, нѐ седнуваше да ни чита  постапки во истрага, интересни детали кои упатуваат на заклучок, поточно упатуваат на учење да заклучуваш. Тоа, веројатно, била и родителска грижа. Но, во денешно време е различно, за жал. Родителите имаа и премногу свои маки, па не се во состојба да ги научат своите деца да го препознаваат важното од неважното.

Моето детство беше игра со дневникот на татко ми. Сестра ми знаеше понекогаш да им става точки на учениците, што значеше казна. Татко ми беше строг, па затоа некако мене ми изгледаше дека адвокатурата е премногу отсуство од личното. Вагата во мене веројатно протестираше против тоа. Многу доцна, релативно скоро открив дека адвокатурата го има сето она што ме интересира денес.

ФОКУС: Надвор од МТВ почнувате сама со интересни наслови на вашите имиња. Преку нив сакате да испорачате своја замисла до своите гости или, сепак, до публиката? 

ТРАЈКОВСКА: Секогаш некако мислев дека емисиите се премиера соодветна за тоа време, со некаков заеднички именител кој го избирав како име. Но, во дебатите за моите емисии со Никола Младенов откривавме дека секое име на моите емисии на некој одреден начин ме демантирало.

Еве замислете дека проектот ви се вика „Светла точка“. Во тоа време имав чувство дека така искарани од различни страни, конечно треба да го бараме тоа светло во тунелот. Но, сѐ тргнува наопаку, тунелот стануваше сѐ подолг. Во одредени мигови почнувате да анализирате дека можеби препотентно себеси се нарекувате светла точка, наместо идејата дека тоа треба да биде некаков момент во кој сите заедно треба да гледаме и веруваме.

Еве и сега „Вин вин“, а ништо не е вин. Веројатно насловите на моите емисии треба да се читаат обратно од времето во кое постојат за да може правилно да се разбере пораката.

Накитот е украс кој убаво ѝ стои на секоја жена. Ова беше предизвикот поради кој нашата прошетка го посети штандот на Ристевски на приземјето во Скопје Сити мол. Тие ја негуваат традицијата за рачна изработката на познатите охридски бисери.

 

ФОКУС: Бевте претседателка на општинската конференција на младина во Куманово. Никогаш не посакавте да бидете политичар? 

ТРАЈКОВСКА: Да, во таа моја функција дури и се задржав подолг временски период, но најголемиот дел од времето го потрошив на медиуми, образование и на млади. Во тоа време некако сите бевме директно поврзани за „Млад борец“. Јас имав идеја дека ние како некаква организација можеме да направиме нешто за Куманово. Мислам дека градот сѐ уште ги памети тие мали земјотреси кои ги предизвикуваше една група млади луѓе кои немаа што да изгубат, а сметаа дека еден град како Куманово не треба да се чувствува инфериорен и за секоја своја потреба да доаѓа во Скопје.

На една од нашите дебати во Куманово успеав да го донесам сегашниот словенечки претседател Пахор, кој беше наш пријател од Белград. Модератор на таа дебата беше покојниот Тијаниќ.

Сметам дека не постои провинциско место. Секаде може да најдете 600-700 луѓе кои ќе наполнат една сала и ќе го задоволат гладот за комуникација, дебатирање и за размислувања.

Актуелниот српски премиер Ивица  Дачиќ беше војник во Куманово, а работеше во локалното радио. Воениот рок го помина дома кај нас. Беше исклучително амбициозен, многу духовит. Сосема случајно на неговото последно доаѓање во Скопје, јас го шетав кучето кога го здогледав на два метри од мене. Но, одлучив да не му се јавам. Ова е само показател колку се мали нашите места. Инаку тој е многу добар пријател со новинарот Божиновски, а еве сега таква е судбината, тој е исправен пред ситуацијата да ја потпише неговата екстрадиција во Македонија.

ФОКУС: 24 вести е медиумот каде што во моментов може да се следи вашата емисија. Во исто време тоа е медиумот кој често ги менува уредниците. Колку таа промена креира некаква некомотност кај вас во врска со иднината на вашиот телевизиски продукт? 

ТРАЈКОВСКА: Преку ден не одам во телевизија. Со годините навикнав да не припаѓам на системите со кои мојата продукциска куќа прави договори, иако во овие години посакувам да припаѓам на нешто што се нарекува уредувачка политика.

Јас не чувствувам дека има некаква промена во поглед на уредувачката политика на 24 вести. Никогаш досега никој не ме прашал кои се моите гости, како ќе тече разговорот. Во периодов почнува изборна кампања, па ние нужно ќе мора да се сретнеме за да се договориме што ќе правиме во рамките на таа кампања.

Предолго трае овој исцрпувачки период за медиумите кои не се под капата на владата. Тешко може да се консолидираат уредувачки политики, да задржат тимови кои можат да скокаат скалила. Практично, сѐ има свој период на зреење. Телевизијата е бизнис кој никогаш нема да поевтини, а како што стојат работите во Македонија, сѐ потешко ќе биде да се следи професионалниот стандард што се бара. Она што сега се случува во медиумите е ситуација која ги уништува темелите на професионализмот во медиумите.

ФОКУС: Телевизијата како медиум, покрај пораката што ја пренесува, бара и слика. Во таа насока вие како лице од екранот изградивте лик на  дама. Без детали за да не го одвлечат вниманието. Колку македонските стандарди во медиумите дозволуваат да се создава ликот што ќе се гледа и слуша на екранот? Посебно во овој период кога лесно може да бидете злоупотребени во евтина политичка пропаганда. 

ТРАЈКОВСКА: Новинарите кои се професионалци и имаат што да кажат во моментов се расфрлени по портали и на социјалните мрежи. Целиот овој период навистина трае предолго. Сите ние имаме некаков одбранбен механизам, кој е подготвен да егзистира одреден временски период. За жал, вонстандардните услови на работа и воопшто на живот стануваат правила со кои се соочуваме секој ден.

За жал, ние и понатаму прифаќаме да ги затвараме очите, преправајќи се дека тоа е нормално и не отстапува многу од просекот, а многу и малку во суштина не се различни кога правите отстапки.

Лично, сметам дека секогаш треба да се размислува за телевизискиот говор и да не се премине оној долен праг. Токму и затоа размислувам за начинот на кој го правам.

Јас имам еден креатор кој ги прави моите костими. Сакам да се чувствувам комотно, пријатно и неоптоварено додека во нив сум дел од мојот телевизиски продукт. Јас сум облечена, но вие не гледате во мојата облека. Ненад Секирарски веќе одлично ме познава. Нашата главна кавга е околу тоа дека фустанот одоздола треба да има постава од природен материјал, па затоа често повеќе време трошиме на изборот на материјалот за неа. Но, тоа ми е важно затоа што ми ја дава комоцијата, чувството на неоптовареност додека сум пред камерите.

Јас дури избегнувам да ставам парфем пред емисија за да не ми го одвлече вниманието во одредени ситуации. На телевизија многу важно е да има една линија што се запазува. Дури и боите на екранот различно изгледаат од реалноста.

ФОКУС: Не личите на личност која би сакала да го троши времето неорганизирано. Каде го пронаоѓате мирот? Знаете ли кои се вашите црвени линии, кој или каде е  вашата светла точка?

ТРАЈКОВСКА: Сега имам мал круг пријатели. Го чувствувам заморот на материјалот. Повеќе немам енергија да ми пристапуваат непознати со прашања за моите очекувања или прогнози. Јас да го знам одговорот, веднаш тоа и ќе го кажам на телевизија, од тоа ќе заработував. Порано бев и цинична и хумористична. Но, веќе не го правам тоа.

Таа енергија која ми остана сакам да ја потрошам на тој мал круг луѓе, да не морам да ги завршувам речениците во страв дека нема да бидам разбрана погрешно.

Ми стана напорно постојано да имам резервни одбранбени механизми. Еден период гледав по два филма на вечер, во друг период само читав книги. Постојат 2-3 колеги од медиумите со кои можам отворено да зборувам за надополнувањето на сопствените информации. Едноставно, дојдов до линијата каде што сакам да бидам директна, искрена, блиска со она што ми се вртка во главата.

За да ја испочитуваме нејзината страст за уживање во голтката убаво кафе, нашата прошетка низ Скопје Сити мол со нашата несудена адвокатка, а вам добро познатата дама со црвените линии, но и визија и желба за светли точки, ја заокруживме во кафулето „Плеј“, очекувајќи нов „вин-вин“ предизвик.

Фото: Фокус, 2014

Поврзани новости