Олимпијците сами ќе се одликуваат со медали во Токио

by fokus

Освојувачите на олимписки медали на претстојните Игри во Токио нема да имаат можност како досега освоените одличја да ги примат на пиедесталот од рацете на официјални лица со ракување или прегратки, туку медалите самите ќе мораат да ги стават околу својот врат, соопшти претседателот на МОК, Томас Бах.

– Медалите на освојувачите ќе им бидат донесени на послужавник, а потоа спортистите самите ќе ги земат своите одличја и ќе ги стават околу својот врат. Лицето, кое ќе ги става медалите на послужавникот, ќе носи заштитна маска и ракавици. Нема да има прегратки, ниту ракување за време на свеченото доделување на медали. Заштитни маски на лицето ќе носат и освојувачите на медали, изјави првиот човек на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) на средба со новинарите во Токио.

Олимписките игри во Токио ќе бидат отворени на 23 јули, а ќе траат до 8 август, до кога во јапонската престолнина е прогласена вонредна состојба поради пандемијата на коронавирус.

Епидемиолошката состојба во градот домаќин на Олимпијадата се влошува и во средата беа регистрирани 1.149 новозаразени лица, што е најголем број во последните шест месеци.

Поврзани новости