Околу 5.000 евра од автобус чинеле аранжманите на Беса Транс!

by fokus

Околу 20 илјади евра од патници од четири автобуси, колку што завчера тргнале назад од Турција кон Македонија, односно по околу 5.000 евра од автобус изнесувале туристичките аранжмани на агенцијата Беса Транс.

Патниците кои завчера влегоа во автобусот на смртта и не се вратија во своите домови, според првичните информации од вчера, биле дел од групите кои користеле една од понудите на агенцијата Беса Транс, четири дена, односно три ноќевања со појадок во Истанбул, по цена од 99 евра по лице.

Аранжманите кои ги нудела агенцијата се достапни на нејзината официјална страница, каде се појаснети деталите. Во цената е вклучен превозот, ноќевањето, појадокот, ПЦР тест, користење на спа центар, посета на културни знаменитости…

Со 50 патници во автобус, од кои секој платил по 99 евра за аранжман, се добива сумата од околу 5.000 евра по автобус, за патувањата кои ги организирала агенцијата. Аранжманите до Истанбул се нуделе два пати неделно, односно поаѓањето било секој четврток и секоја недела, од Гостивар, Тетово, Скопје и Куманово.

Дали и при организирањето на останатите тури агенцијата успевала да наполни по четири автобуси со патници, како што бил последниот случај, нема податоци.

Аранжманите на нејзината страница се опишани како специјални понуди, а за патувањето од 18-ти ноември најавено било и изненадување – настап на популарниот пејач Мурат Амети пред гостите.

-Продолжуваме да додаваме луксуз за нашите патници, да уживаат во патувањето со компанијата Беса Транс. Квалитет, комфорт и искуство кое има само едно име – Беса Транс – пишува на страницата на агенцијата.

Исто така, се нудел пакет и за пониска цена, односно 79 евра за три дена и две ноќевања во Истанбул во хотел со четири ѕвезди, и 85 евра за две ноќи во хотел со пет ѕвезди.

По првичниот шок од веста за загинати 45 патници, и седум повредени во автобуската несреќа, која ја разбуди Македонија вчера, следеше уште една вест која дополнително ја вознемири и ја револтираше јавноста.

Имено, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на прес конференција откри дека превозникот Беса Транс со седиште во скопско Рашче имал уредна лиценца, но меѓу четирите автобуси заведени во евиденцијата на неговото министерство го нема автобусот кој изгоре на автопатот „Струма“ близу Перник. За секое возило поединечно, превозникот треба да има извод од лиценцата, а за секој возач сертификат – појасни тој, додавајќи дека изгореното возило не било пријавено од превозникот и поради тоа возилото го нема во електронската база на Министерството за транспорт и врски.

Како се дозволил таков пропуст е актуелно прашање во јавноста, посебно кога станува збор за приватни превозници кои константно имале туристички тури од кои остварувале заработка.

Се актуелизираат и прашањата за несреќата кај Ласкарци од февруари 2019 година, кога починаа 16 патници, а голем број од преживеаните имаат трајни последици, односно се бараат одговори зошто се чека околу три години да заврши судењето на превозникот Дурмо Турс, додека автобусите на истата компанија продолжија да си возат по патиштата.

Вики Клинчарова

Поврзани новости