Околу 20 родилки на скопска Гинекологија досега позитивни на Ковид 19, капацитетите преполни

by Fokus

Околу 20 родилки вкупно досега се потврдени како позитивни на Ковид 19 на скопската Клиника за Гинекологија, потврди за „Фокус“, директорката Викторија Јовановска, додавајќи дека очекуваат поголем наплив на пациентки заразени со опасниот вирус.

„Не знам како ќе постигнеме. Досега имавме вкупно околу 20 позитивни родилки на корона вирусот, а очекуваме уште повеќе. Изолациониот дел е речиси преполнет, а лошото е тоа што веќе не знаеме која родилка е позитивна, која не. Речиси на сите им земаме брис, но додека да стигнат резултатите некои веќе мораме да ги породиме – тврди доктор Јовановска.

Во моментот, во изолациониот оддел одат пациентките кои доаѓаат од Чаир, со оглед на тоа што таму заклучно со вчера имаше 302 активни случаи. Исто така, во изолација директно одат и родилките кои доаѓаат од Тетово и Штип, кои што во моментот се сметаат за кризни подрачја, односно таму има најмногу заболени од Ковид 19.

„Добро е тоа што досега немаме заразен персонал, освен неколку што беа во самоизолација. Но, сега се вратени. Персоналот е преморен и не знам како ќе продолжиме со тоа темпо понатаму. Тоа што е уште пострашно е што бројката на позитивни може да продолжи да се зголемува – вели доктор Јовановска.

Тие пред една недела имаа проблем со докторка-родилка која на Гинеколошката клиника дала лажна изјава дека немала контакт со заразен од Ковид 19 и била сместена горе на одделение, каде што се пациентките кои не се носители на вирусот. Но, на лагата и се кратки нозете, па така по кратко време откако откриле дека нејзиниот свекор е позитивен, веднаш сакале да ја симнат во изолациониот дел, но таа самоиницијативно си заминала.

Подоцна, се породила во приватната болница „Ремедика“ и оттаму е пренесена на скопската Инфективна клиника, од каде се уште позитивна на вирусот потпишала изјава и си отишла.

„Фокус“ пишуваше и за 27-годишната родилка од Куманово, која исто така на епидемиолошката анкета не дала точни податоци, поточно дека вирусот го добила од нејзиниот свекор и подоцна и двајцата починаа на Клиниката за инфективни болести.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 4482 бројката на оздравени пациенти е 1803, на починати е 210, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2469.

Ирена Мулачка

Поврзани новости