Околу 20 отсто закажани не доаѓаат на вакцинација, вели Филипче

by fokus

Околу 20 отсто од веќе закажаните не се јавуваат на вакциналните пунктови, а за одѕивот на пријавените во А1 салата во „Борис Трајковски“ ќе се знае денеска. Многу е тешко сега да се каже дали тоа се должи на дилемата што произлезе во однос вакцината на „Астра Зенека“. Таа сега им се дава на повозрасни граѓани и нема никаква контраиндикација, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Вакцинацијата продолжува и нема причина да запре, додаде министерот, а се чекаат насоки дали оваа вакцина ќе им се дава и на помлади од 60 години.

– Ние ќе го чекаме официјалниот став на Европската агенција за лекови – ЕМА чиј борд ќе заседава помеѓу 6 и 9 април и, согласно одлуката, и ние ќе постапиме. Засега добро се одвива вакцинацијата на постари граѓани со „Астра Зенека“ и нема никаква контраиндикација или некоја препорака за внимателност, рече Филипче.

Посочи дека некои национални агенции се внимателни – Германија запрела со „Астра Зенека“ и помлади лица што примиле прва доза од таа вакцина, добиваат втора доза од друг тип вакцина, пр. „Фајзер“.

– Ние продожуваме со препораките дека апсолутно нема никаква контраиндикација оваа вакцина да се дава на повозрасните граѓани, додаде Филипче, одговарајќи на новинарски прашања.

Поврзани новости