Охрид сепак не се откажува од Цеца и Северина!

by fokus

Концертите на балканските турбо фолк ѕвезди, Цеца, Северина, Лепа Брена и многу други, кои во тек на летната сезона се одржуваат во Охрид, нема повеќе да бидат кофинансирани од општината – беше веста која деновиве се објави во повеќе медиуми, а која што беше дочекана со одобрување и поддршка од голем дел од јавноста.

Како образложение, беше наведено дека според советниците од општината, концертите на балканските музички ѕвезди не носеле дополнителен број на туристи, бидејќи во екот на сезоната, градот и без нив бил полн со гости, па поради тоа на совет било одлучено да не се субвенционираат. Сепак, радоста на оние кои не се воодушевени од Цеца, Северина, Брена и останатите музички гости кои во тек на лето имаат настапи во Охрид, се испостави дека е напразна.

Охрид не се откажува од субвенционирање на музички и културни настани, туку само во рок од триесет дена во годината нема да субвенционира ниту една манифестација, а информацијата ни ја потврди Кирил Пецаков, координатор на советничка група на ВМРО ДПМНЕ Охрид.

Во телефонски разговор за „Фокус” тој тврди дека станува збор за лажна вест, односно дезинформација, која предизвикала забуни кај јавноста.

-Нема такво нешто, дека нема да финансираме балкански музички ѕвезди, ниту пак Советот има законска можност да донесе таква одлука. На последната седница на Советот на општина Охрид се разговараше на тема субвенционирање на културни манифестации. Се донесе одлука во периодот од средината на месец јули до средина на месец август да не се субвенционира ниту една манифестација со општински пари, бидејќи во тој период градот има доволно туристи. Зборуваме за сите културни настани во тој период во годината, а не само за концерти на балкански пејачи. Но, пред и после тој период, нормално дека ќе продолжиме со поддршката на продукциите кои си носат музички ѕвезди во Охрид. Значи, општината нема ништо против Цеца, Северина или било која музичка ѕвезда, станува збор само за одреден период во годината кога тоа кофинансирање, односно субвенционирање нема да биде овозможено. Освен финансиска помош, се случува од страна на организатори на забавни манифестации да ни биде побаран стадионот на користење, секогаш кога имаме можност, со цел да се понуди збогатена програма за туристите, ние излегуваме во пресрет. Вистината е дека само тие триесеттина дена, кога е сезоната во најголем ек, одлучивме да не даваме финансиска поддршка, односно субвенции за културни манифестации – ни изјави Пецаков.

Вики Клинчарова

Поврзани новости