Охрид, Преспа, па Дојран

by fokus

Се докажуваме дали сме ние НИЕ, или сме ТИЕ, дали сме реални и постоиме или сме нечија вештачка измислица, дали е јазикот наш, или само дијалект на туѓ јазик. Ако и за ова се потпишува договор, се надевам дека ќе биде потпишан на брегот на Дојранско Езеро, па сите езера да се застапени

Звонко ДАВИДОВИЌ

Стануваш сабајле и темнината те дочекува, на небото, во воздухот, во душата. Стануваш во утро на светот кој не го познаваш, ниту препознаваш како свој, не го препознаваш, иако повеќе од пола век си постоел во него. Сѐ се смени, светот и луѓето се сменија во еден миг како со прекинувач да си ги исклучил сите доблести, насмевки и радост. Чекориш меѓу луѓе со наведнати глави и маскирани лица, празни очи без радост и очекувања од денот, од следниот ден и тој по него, од иднината. Меѓу луѓе си со маски на лицето, дури и кога не ги носат, на места си што не ги препознаваш, затоа што се пусти и празни, напуштени, без енергија и значење.

Се одродија луѓето еден од друг, короната го доврши она што одамна започна, човек од човек да се плаши. Нема повеќе ракување, гушкање од радост што го гледаш пријателот, нема насмевка, само непрепознатливо лице под маска и дистанца како најдлабок јаз. Короната и пандемијата ги осамија луѓето и ги поделија како и секогаш на оние кои веруваат, оние кои неверуваат, оние кои како нешто организираат и оние кои се богатат. Короната и 2020 го убија и она малку надеж што останало во нас по сето она што моравме да го поминеме и преживееме поради нечии луди глави, лични интереси и малоумност.

НИКОЈ НЕ Е ВИНОВЕН – СИТЕ СМЕ ОДГОВОРНИ

Мирното и спокојно детство, безбедноста и сигурноста ги разнебитија низа настани за кои не сме ни сонувале дека ќе се случат, за кои никој од нас не е виновен, а, сепак, сме сите ние одговорни.
Се распадна Југославија, заиграа омразата и сето црно кај луѓето, се уриваа градови и села, уништуваа и одземаа животи без причина и логика, луѓето станаа ѕверови, душмани еден на друг. Не беше битно кој си и каков си, беше битно што си по националност и вера, за да те сака некој или мрази, за да ти го одземе животот или да ти го спаси.
Некои таму далеку, некои кои ниту не познаваат, решија да формираат суд и да глумат правда што зависи од политичките потреби и интереси на земјата од каде што доаѓа меѓународниот арбитар. Нѐ судеа и избербатија за сето она што и нивните земји го прават, ама нив нема кој да ги суди оти сила бога не моли. Не бевме ништо попаметни по пресудите, ниту ја дознавме вистината, само бевме посрамени и бележани како изроди.

Помисливме дека сме го пребродиле најлошото, но дојде бегалскиот бран, кој нѐ преплави до таа мера што речиси ја парализираше државата. Повторно почнаа придики и совети однадвор, почнаа да се точкаат луѓе од меѓународната заедница, кои само се сликаа и попуваа за човечките права и заминуваа, заборавајќи нѐ и нас и нашата мака и бегалците и нивната мака. Повторно бевме жигосани како нехумани, чудни, различни.

СВОЕТО ЈАС ГО ЗАМЕНИВМЕ СО ВИЕ

Закрепнавме некако од сево ова, но ѓаволот не мируваше, па ни се случи Вејце, Карпалак, Арачиново, војна за која никој не сакаше да ја именува како војна, но се губеа животи. Повторно дојдоа меѓународните олеснувачи и ни го натежнаа охридскиот рамковен договор, кој го донесе и Бадинтер и неспособноста по институциите, вработувања по клуч, функционери по калауз.

Еднаш кога ќе почнеш да менуваш и да потклекнуваш, заменувајќи го своето јас со туѓото вие, сѐ полесно и полесно ги менуваш сите работи што тебе ти значат, а на други им пречат.

Го сменивме знамето, оти им пречело на комшиите, го сменивме Уставот, оти им пречел на националностите и, не запревме тука. По Охрид и Охридско Езеро и договорот потпишан таму, на Преспанско Езеро потпишавме друг договор со кој го сменивме името.

Во тек е докажување дали ликовите од историјата што сме ги славеле и биле наши, можеби се туѓи, нивни. Се докажуваме дали сме ние НИЕ, или сме ТИЕ, дали сме реални и постоиме или сме нечија вештачка измислица, дали е јазикот наш, или само дијалект на туѓ јазик. Ако и за ова се потпишува договор, се надевам дека ќе биде потпишан на брегот на Дојранско Езеро, па сите езера да се застапени.

Стануваш сабајле и темнината те дочекува, на небото, во воздухот, во душата. Стануваш во утро на светот кој не го познаваш, ниту препознаваш како свој, не го препознаваш иако повеќе од пола век си постоел во него. Ставаш маска да ја покриеш својата обезличеност, непрепознатливост, да се покриеш од својот и туѓиот срам…

Поврзани новости