Охрид, Константин Георгиески и новата туристичка сезона

by Fokus

Како би изгледал замислениот и претпоставен разговор со охридскиот градоначалник, за да имаме еколошки почист и урбанистички среден туристички центар

 Пишува: Агрон БИБА

 Агрон, убаво е што пишуваш колумни (ми велат често), но дали некој ги чита? Не знам, одговарам, но знам дека аку не појќе, ете, барем ти си ме прочитал.

Лани во август 2020 година напишав една колумна за рушењето на дивоградбите по охридските плажи, и за мое пријатно изненадување, актуелниот охридски градоначалник Константин Георгиевски, ме викна на кафе-муабет, ја бендисал колумната.

РЕАЛЕН КАФЕ-МУАБЕТ 

Се почувствував навистина почестен од вниманието што го покажа првиот човек на Охрид, си разговаравме, така лежерно, дијалектално на охридски, за охридските граѓански проблеми, акцентирајќи ги проблемите околу рушењето на дивоградбите по охридските плажи, причината која што беше и тема на таа моја колумна.

„ Агрон, не знам како изгледа од страна, но не е лесно да си градоначалник на Охрид. Имам жесток притисок од јавноста, од градскиот совет и директно од УНЕСКО за решавање на натрупаните проблеми низ последните декади со дивоградбите по охридските плажи, ти благодарам за јавната поддршка, верувај дека имам голема потреба од позитивност и добронамерност“, ми рече.

Си поприкажавме за охридските градски мки и тегоби, си направивме едно селфи за спомен, и си стегнавме рака, без страв од корона вирусот. Тоа беше лани.

Годинава се наближува повторно времето кога Охрид лека полека повторно станува културен и општествен центар, а Скопје провинција… набргу почнува новата туристичка сезона, и Охрид и охридските плажи се повторно во мислите на секој граѓанин во нашата Република.

Преку оваа колумна, имам чест да го поканам охридскиот градоначалник Константин, на јавно кафе и на наш замислен и претпоставен јавен разговор.

ЗАМИСЛЕН МУАБЕТ ЗА ОХРИДСКИТЕ ПЛАЖИ

Агрон: Почитуван градоначалниче, Константин, ви благодарам што го прифативте овој замислен јавен кафе-муабет за охридските плажи во новата 2021 туристичка сезона.

Константин: со задоволство, Агроне, секогаш сум  подготвен за  конструктивен и позитивен разговор, било вистински или ваков замислен и претпоставен.

Агрон: Лани разговаравме за градската плажа „Горица 3“ и за заштитеното дрво со закон, посадено од Тито и Лазар Мојсов, или Лазар Колишевски во 1952 година. Имате ли информација за какво дрво се работи и кој бил поводот?

Константин: Немам сѐ уште, но ете, веднаш ќе се јавам во охридскиот архив и ќе ги опитам. (зборува со некој архивист и го прашува за дрвото посадено од Тито и Лазар на градската плажа Горица 3 во 1952 година)

Агрон: Поминав некни по плажата, и сега изгледа малку грдо, се уште не е довршено рушењето на дивоградбата, и некои граѓани веќе отворено велат дека пубо беше кк шо си беше, кога плажата беше менаџирана од приватници….така беше пубо, почисто, посредено…..вака, е до секого и од никого. Имате ли соработка со невладините еколошки организации и поединечните екологисти?

Константин: Тоа е само кратка моментална слика. Од нашиот сектор за животна средина во општината веќе се започнати доброволни еколошки акции и набрзо активистите за животна средина од општинава ќе започнат во координација со градски „Комуналец“ да чистат по плажите, значи општинскиот и невладиниот еколошки сектор веќе соработуваат за чистење и дочистување на плажата и плажите.

Општина Охрид, преку охридскиот Совет, успеа да издејствува 150.000 евра донација од владата на Македонија за рушење и дорушување на дивоградбите по плажите. Исто така, предвидуваме, некаде 30 отсто од просторот што го зафаќа плажата „Горица 3“, да му ги отстапиме на здружените еколошки невладини организации во Охрид, за тие да ги средат хортикултурно. Ние да ги поддржиме како општина и општински комуналец, а тие, еколошките активисти, секоја година, посебно пред почетокот на туристичката сезона, доброволно да придонесат со нивната доброволна работа и нивни креативни идеи за тој простор во Плажата „Горица 3“.

Агрон: Одлична, прекрасна идеа, господине градоначалниче. Имате ли и други вакви иновативни идеи?

Константин: Имаме и една многу амбициозна идеа, која ќе ја споделам со вас и со јавноста во овој наш замислен јавен разговор. Јас лично и многу охридски советници од охридскиот совет, би сакале општинската зграда да ја преместиме во убавата куќа која се наоѓа на плажата „Горица 3“.

Агрон: Па, оваа е уште пофеноменална идеја од првата. Тогаш плажата би била чиста и пречиста во сите 365 дена од годината. Прекрасна идеја, градоначалниче.

Константин: Благодарам, Агроне. Дозволи ми да им се заблагодарам на сите добронамерни, и да ги повикам сите граѓани на нашата република, да дојдат и да уживаат во Охрид. Ова лето, Охрид ќе има посебна, пограѓанска и поеколошка понуда за сите посетители. Со нестрпливост очекуваме започнување на новата туристичка сезона. Дојдете, ќе бидете пријатно изненадени како никогаш до сега, ве чекаме подготвени и посебно гостопримливи како никогаш до сега. Дојдете во вашиот Охрид!

(Авторот е драматург и актер)

Поврзани новости