Охрид Фест, расадник за млади таленти: Трето место за Дамјан, новото лице на естрадата

by Fokus

Покрај веќе докажаните Биба Додева, Александар Митевски и Драган Спасов Дац, кај кои заминаа првата и втора награда на поп вечерта на Охрид Фест, како пријатно изненадување на манифестацијата беше и младиот Дамјан Димевски, кој го освои третото место.

Тој настапи со песната „Нема никоја да те замени” за која текстот го напиша Ефтимија Јованова, додека пак музиката и аранжманот се на Горан Милошески. Дамјан е еден од многубројните дебитанти кои традиционално својот прв фестивалски настап го имаа токму на реномираниот Охрид Фест, кој важи за фестивал кој лансирал многу млади и надежни ѕвезди.

Како потсетување и Тоше Проески публиката го запозна на Охрид Фест, кога настапи со хитот „Усни на усни”.

Инаку, Дамјан во минатото има учествувано во повеќе музички шоу програми во соседна Србија каде најчесто добиваше комплименти од тамошните жири комисии за својата харизматичност и спонтаност на сцената. Вечерва во Охрид се одржува третата, интернационална фестивалска вечер.

Ова е 26-то издание на музичкиот фестивал кој е еден од најреномираните кај нас и од каде многу млади таленти ја започнаа својата кариера.

Вики Клинчарова

Поврзани новости