Оглас за распределба на 37 социјални станови во Струмица

by Fokus

Министерството за транспорт и врски денеска објави оглас за распределба на 37 станови за социјално ранливи категории на граѓани  во станбена зграда на ул. „Ѓорѓи Василев“ во Струмица.

Право на учество на огласот што е отворен до 15 април годинава имаат деца без родители или родителска грижа – над 18 години кои до 18.тата година биле згрижени во институции и други облици за згрижување за деца без родители, корисници на правото на гарантирана минимална помош, лица погодени од елементарни-природни непогоди без разлика на правниот статус на нивните постојни (примарни) живеалишта. Опфатени се и лица со попреченост и семејства со лица со попреченост, припадници на Ромската заедница социјално загрозени, согласно Стратегијата за Ромите на Република Северна Македонија“) и самохрани родители со малолетни деца.

Лицата кои ќе аплицираат треба да се државјани на Република Северна Македонија, да имаат постојано место на живеење во општината каде е изграден социјалниот стан и да не поседуваат стан во лична сопственост, на брачниот другар и на полнолетните членови на неговото заедничко домаќинство на територијата на државата.

Потребната документација ќе може да се поднесува во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Струмица. За оние кои не се во можност сами да ја комплетираат потребната документација, Центарот за социјални работи ќе ја обезбеди потребната помош за обезбедување на целокупната документација согласно објавениот оглас, истакнува Министерството за транспорт и врски.

Документите треба да бидат во оригинал или копии заверени на нотар не постари од 6 месеци, освен документите кои се обележени од надлежен орган како трајни.

Министерството за транспорт најавува дека социјалните станови ќе се распределуваат во транспарентна постапка преку електронска распределба согласно со Методологијата за бодирање на кандидати за добивање на социјален стан под закуп.

Становите се изградени преку Програмата за изградба и одржување на станови сопственост на државата во Струмица, а согласно рамковниот договор за заем склучен меѓу Банката за развој при Советот на Европа и Република Северна Македонија.

Повеќе информации за потребната документација може да се најде на веб страната на Министерството за транспорт и врски (http://mtc.gov.mk/vesti/Oglas–za-raspredeluvanje-na-37-sotsijalni-stanovi-vo-opshtina-Strumitsa-) или во Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Струмица

Поврзани новости