Официјална Тирана: Договорот е нова страница во добрососедството

by Fokus

Официјална Тирана го поздрави потпишувањето на договорот меѓу Македонија и Грција, оценувајќи го како нова страница за добрососедство.

„Во преубавата Преспа, која ги обединува трите народи и нашите соседни земји, граѓаните на двете земји, регионот, претставниците на Европската унија и Обединетите нации, станаа сведоци на нова страница за добрососедски односи и соработка во европски дух“, стои во соопштението на албанското министерство за надворешни работи.

Во соопштението се наведува дека ова е време на големи решенија во целиот наш регион, врз основа на заедничката волја за конечно стабилизирање на просторот во кој се наоѓаме, со цел да стане нераскинлив дел од Европската унија.

Министерството за надворешни работи смета дека двете земји треба да ги реализираат сите чекори за стапување во сила на договорот.

„Ги охрабруваме двете земји да ги превземат сите чекори за стапување во сила на договорот. Овој договор е во служба на пријателството, напредокот и европската перспектива на двете земји и граѓаните на нашиот регион“,  оценува албанското Министерство за надворешни работи.

Поврзани новости