Одважи се, Али!

by fokus

Пишува: Ида Протугер Вељковиќ

Заслепен од гневот што Заев му ги зеде гласачите и му стана најголема политичка конкуренција тој не гледа дека само СДСМ практично може да го рехабилитира и тој малку углед што му остана на ДУИ ако формираат влада која ќе расчисти со криминалите обелоденети во бомбите. Ахмети тврди дека би поддржал и малцинска влада за да докаже дека не се случила негова лична дефлорација при криминалните операции во владата, но јасно е дека ќе има жртви меѓу неговите најблиски соработници.

Помина уште еден Ден на вљубените. Веројатно Али Ахмети е тажен што му е отежната можноста и оваа година да го прослави Валентајн со Никола Груевски, но тоа не значи дека тие не се во “љубов”. Врската на овие две “вљубени гулапчиња” им ја прекинаа изборите на кои мнозинството граѓани покажаа дека е прочитан криминалот што под превезот на национализмот им го “продаваа” на граѓаните овие двајца партнери.

Без оглед на вметнатите контролни механизми со пржинскиот договор, долгогодишната корупција на гласачи и инструментализирање на сите државни ресурси и институции им помогна на двајцата партнери на декемвриските избори да дојдат до многу тесна победа и приликата која им ја даде Иванов повторно да формираат Влада. Иако изборите дојдоа како наметната потреба за излез од кризата врз која потпис имаат самите тие, Груевски и Ахмети се подготвуваа повторно да си се стрчаат во прегратка еден кон друг, но плановите им се изјаловија.

Интлектуалното крило во партијата на Ахмети кое ја разбра пораката од гласачите им ја расипа забавата на двајцата партнери. За разлика од ДПМНЕ каде се знае дека ДОН-от само може да пресече и одлучи во име на другите, во ДУИ се покажа дека Ахмети не ја држи контролата во партијата каде е претседател.

Ахмети сега е растргнат помеѓу неговата “страст” за коалицирање со Груевски наспроти предизвиците кои го направија тоа партнерство практично невозможно.

Прво тој го нема потребниот број пратеници под контрола. Второ, во постизборната агонија Груевски му објави војна на западот, доби поддршка од истокот и на тој начин ги урна лостовите кои беа темел во аргументацијата на Ахмети за партнерството, а тоа се западниот свет, ЕУ и НАТО. Сега им остана само криминалот и национализмот како врзивно ткиво што Ахмети не може никако да го стави во некаква обланда за која би добил поддршка од своите гласачи. Значи самиот Груевски му ги одзеде на Ахмети инструментите со кои тој можеше криминалот да го завитка во еден нов украсен целофан за нужна коалиција помеѓу “победници” во двата етнички ентитета бидејќи е јасно дека Груевски ја оддалечува ДПМНЕ од цивилизираниот свет и од меѓународните пријатели со светлосна брзина.

Во таа ситуација, следејќи ги во јавните настапи алтер-егата на Ахмети, Артан Груби и Бујар Османи,  се чини дека Ахмети многу повеќе сака да остане во оваа недефинирана лимбо ситуација одошто да почне суштински преговори со СДСМ. И Груби и Османи двајцата во одделни интервјуа соопштија дека оваа ситуација течнички може да трае и четири години колку што е мандатот на сегашниот состав иако на зачудениот тон на новинарите во однос на таквата констација, се “поправаа” дека тие сепак би сакале брзо решение. Како да не.

Очевидна е омразата на Ахмети кон Заев и јасен е неговиот отпор да биде прагматичен политичар наместо заложник на “љубовната врска” со Груевски. Разбирлив е неговиот гнев. Заев е тој што му ги зема гласачите и му ја преполови пратеничката група. Заев е тој за кого Албанците веруваат дека повеќе ќе им ги оствари правата одошто докажаниот Албанец и патриот Ахмети. Вчера објавената анкета на Телма покажа дека СДСМ на големо ја претекна ДУИ кај албанските гласачи со водство од 20,4% наспроти 14% за ДУИ.

Како му се случи тоа на Али? Гласачите на ДУИ прочитаа дека криминализам, а не вистински патриотизам се крие во наводните заложби на Ахмети за интересите на Албанците. Бидејќи ако ги погледнат заложбите од Платформата, со право се прашуваат што направи Ахмети во изминатите осум години по сите точки што сега ги промовира:

Целосна рамноправност во согласност со Охридскиот договор и Уставот?

Постигнување на економска рамноправност и на општествената благосостојба, особено преку рамномерен регионален развој?

Зајакнување на владеењето на правото, како предуслов за напредок на евро-атлантскиот интегративен процес?

Создавање на дух на доверба во функција на добри меѓуетнички односи како суштински елемент за политичка стабилност во земјата?

Решавање на спорот со името во согласност со европските вредности и принципите на меѓународното право?

Добри односи со соседите?

Брза интеграција во НАТО и во Европската Унија?

Дали Груевски како партнер е тој некогаш би можел да обезбеди владеење на правото, целосна рамноправност и добри меѓуетнички односи или брза интеграција во ЕУ и НАТО на пример?!?

Пред изборите имаше многу скепса кај одредени кругови во земјата кога Заев почна да зборува за двојазичност и за правата на Албанците  како и на сите заедници во Македонија. Тоа било ризично затоа што ќе се загубеле гласовите на етничките Македонци, беа коментарите. Јас мислам напротив, најголемата победа и придобивка од овие избори е промоцијата на граѓанскиот концепт и потребата за еднаквост на сите граѓани. Дури смешно е правата на некоја заедница да зависат од проценти на население, туку треба да произлезат од потребата за функционалност во општеството и почитување на граѓанските права. Јазикот е токму најсилното врзивно ткиво бидејќи преку комуникацијата ние ќе почнеме многу повеќе да се познаваме и да се почитуваме.

Но на Ахмети му е најмалку до јазикот и до правата на Албанците. Тој сега очајнички мафта со Платформата обидувајќи се да спаси нешто од угледот, а не гледа дека има можност да спаси само ако и суштински, а не само формално прогласи “непомирливи разлики” како причина за конечен крај на бракот со Груевски и да престане да се фемка.

Заслепен од гневот што Заев му ги зеде гласачите и му стана најголема политичка конкуренција тој не гледа дека само СДСМ практично може да го рехабилитира и тој малку углед што му остана на ДУИ ако формираат влада која ќе расчисти со криминалите обелоденети во бомбите. Ахмети тврди дека би поддржал и малцинска влада за да докаже дека не се случила негова лична дефлорација при криминалните операции во владата, но јасно е дека ќе има жртви меѓу неговите најблиски соработници. Се уште се свежи муабетите од бомбата бр. 31 на пример, помеѓу Нино Тодоров и Јанкуловска на која новиот министер за здравство се жали на својот претходник Османи дека во новиот Клинички центар во Охрид сијалица од 20 илјади денари ја фактурирал со сума од 70 илјади денари. Дека инвестирал половина милион евра во објект кој според ниеден критериум не можел да биде болница и требало да се урне до темел и да се инвестираат нови милиони евра на даночните обврзници поради ваквите “ѓаволштини” на сегашниот партиски портпарол на ДУИ. Тоа се разбира нема никаква врска со Платформата на Албанците, ниту со нивните етнички и граѓански интереси, туку има врска со сомневања за криминал што треба да се истражи. Затоа Османи ја споменува техничката можност оваа ситуација да трае и четири години бидејќи така работите и институциите, технички, ќе си останат во рацете на истите партнери кои имаат бајаги многу “брачни тајни”. Оттука, најдемагошкото оправдување на алтер-егата на Ахмети е дека ДУИ бил фактор на стабилност. Освен ако не мислат на стабилност кој му ја овозможува натамошна стабилна контрола на Груевски врз институциите и државата. И особено е смешно кога Ахмети се жали на медиумски притисок да повлече потег во насока на разрешување на кризата кој нели требало да биде “толку обмислен за да не се направи грешка”. Тој сега личи како човек фатен во темница во недозволен полов акт што не сака да го прекине, туку само вели дај тргни ја батеријата што ме осветлува.

Но, вистината е дека Али Ахмети е осветлен и соголен и нема голем маневарски простор освен јавно да поддржи продлабочување на кризата со тоа што нема да коалицира и да поддржи влада што ќе ја формира СДСМ, со што јасно ќе се стави во натамошна служба на Груевски или ќе си ги голтне последиците од досегашниот брак кој му го преполови рејтингот и наместо ривал, во Заев ќе најде партнер за рехабилитација на неговата партија. Ако одлучи да ја поддржи кризата, односно Груевски како главен фактор, ризикува да го прошири фронтот на сопствениот партиски терен, каде има луѓе на кои навистина им значи ДУИ како партија, а не покритие за матни зделки и бизниси.

 

Поврзани новости