Одобрена првата група кредитни барања од бескаматната линија во износ од 5,9 милиони евра

by fokus 16:31
16:31

Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје, започна со одобрување на кредитни барања за третата бескаматна кредитна линија со грант компонента, која се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија, преку активноста ЕУзаОтпорност од ИПА програмата.

Како што информираат од банката, одобрени се вкупно 5,9 милиони евра во првата група кредитни барања кои ги исполнуваат условите од јавниот повик, или кредитни барања на 506 компании со вкупно 3552 вработени.

- Advertisements -

-Според структурата на овие кредитни барања, 275 кредитни барања доаѓаат од мали компании, 222 барања се од микро компании и 9 кредитни барања се од трговци-поединци.

Најголем дел од компаниите во првата група од 506 компании, доаѓаат од Скопскиот регион, и тоа 37 отсто, а по него следи Полошкиот регион со 17 и југоисточниот регион со 14 отсто. Од југозападниот, источниот и Пелагонискиот регион доаѓаат 7 до 8 отсто од одобрените кредитни барања во првата група, додека од Вардарскиот и Североисточниот регион доаѓаат 5 отсто од одобрените кредитни барања, прецизираат од Развојната банка.

Кредитните барања, додаваат, се обработуваат хронолошки, како што се пристигнати, согласно Јавниот повик и информациите наведени во него.

-Одобрувањето на кредитните барања ќе се врши во групи, сè до исцрпување на расположливите средства од Фондот за микро и мали претпријатија. Во следните денови, службите на банката ќе ги контактираат компаниите чии кредитни барања се одобрени за склучување на договор, потенцираат од Развојната банка.

Поврзани новости