Oдморете по автобуси, но нема заминување, им порача Ѓорчев на демонстрантите во три по полноќ

by fokus

Владимир Ѓорчев во три часот по полноќ излезе да ги мотивира членовите на ВМРО-ДПМНЕ кои протестираат пред Државната изборна комисија.Тој ги стиши зурлите и тапаните за да им порача дека нема заминување и дека остануваат тука се дури е потребно.

-Добро вечер браќа или добро утро! Сите знаеме зошто сме тука и не си заминуваме. Ќе останиме дури е потребно! Сите што сакате да се одморите можете да одите в кола или во автобус, оние што сакаат да се стоплат нека дојдат во штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Но, нема заминување нема враќање. Имаме кондиција и остануваме до сабајле зашто победата ни е чиста како солза! – рече Ѓорчев.

По неговиот говор, присутните почнаа еуфорично да ја пејат „Едно име имаме”, а зурлите во позадина повторно се вклучија.

-Така е!, викаше Ѓорчев. „Ќе правиме циркус како што немало никогаш во државата! Не ве слушаат добро, погласно! Циркус каков што нема никаде во светот! Да живее Македонија! -заврши тој, а публиката го поздрави со овации.

Кратко после тоа, Државната изборна комисија соопшти дека седницата ќе ја продолжи утре во 12 часот, па најверојатно активистите на ВМРО-ДПМНЕ кои се дојдени од цела Македонија заминаа да се одморат. Членовите на ДИК досега одбија три приговори на СДСМ, а утре ќе одлучуваат за останатите пет и единствениот прифатен приговор на БЕСА.

И.К.

Поврзани новости