Одлуките на Пендаровски за вонредна состојба ќе останат без мнозинство од пратениците

by Fokus

На денешната собраниска седница на дневен ред се одлуките за вонредна состојба донесени од претседателот на Македонија Стево Пендаровски. За потврдување на овие одлуки потребно е двотретинско мнозинство од пратениците. ВМРО-ДПМНЕ најавува дека нивните пратеници нема да гласаат „за“ оваа точка од дневниот ред.

Пратениците ќе дискутираат по предлог на одлуките за потврдување на пет одлуки за утврдување на постоење на вонредна состојба од 18 март, 16 април, 16 мај, 30 мај и 15 јуни.

За овие одлуки потребно е да гласаат 80 пратеници. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нивните пратеници нема да гласаат за оваа точка од дневниот ред на денешната собраниска седница. Никој не нѐ прашал кога беа носени одлуките, па нема зошто ние сега да гласаме за тоа, велат од ВМРО-ДПМНЕ. „Одлуките за воведување вонреда состојба во земјава беа злоупотребени од власта за изборен поткуп, за сомнителни тендери и други набавки неповрзани со ковид кризата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Вонредната состојба беше исклучиво во интерес на граѓаните и неопходна за брзо делување на Владата и институциите, за менување на закони кои овозможија поголема ефикасност на извршната власт во носење мерки и политики за справување со последиците од коронавирусот и заштита на здравјето на граѓаните, во ситуација кога имавме распуштено Собрание и преодна Влада со мандат за организирање парламентарни избори, вели Јован Митревски, координатор на пратеничката група на СДСМ.

Денеска на дневен ред на Собранието се и предлог – одлуката за основање делегации, пратенички групи и други облици на остварување на меѓународната соработка на Собранието, предлог – одлуката за изменување на Одлуката за основање на делегација на Собранието на Република Македонија во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација и информација за состојбите со лозаропреработувачкиот сектор во 2020 година.

Поврзани новости