Одлуката на Врховен за „Монструм“ ќе биде позната во декември, дотогаш обвинетите остануваат зад решетки

by fokus

По неодамнешниот правен пресврт во случајот „Монструм“, односно по барањето на обвинителката Лилјана Спасовска, Врховниот суд да ги укине пресудите со кои обвинетите беа осудени на доживотен затвор и случајот да го врати од почеток, покрај одлуката на дудот, се чека и одговор дали обвинетите набрзо ќе излезат на слобода. Како што информираат адвокатите на обвинетите тие поднеле жалби за притворот, за кои наскоро очекуваат и одговор.

Па додека одбраната очекува Врховниот суд деновиве да им одговори на жалбата за притворите, со кои бараат обвинетите да излезат и да се бранат од слобода, од Врховниот суд информираат дека тие немаат право на жалба за притвор, бидејќи доброволно побарале предвреме да ја издржуваат затворската казна, па според тоа не се во притвор, туку на издржување на затворска казна.

Ова право, кое не е регулирано со законска одредба, туку е дозволено со судска пракса, го користат голем број на обвинети, односно и пред правосилно да бидат осудени бараат да ја издржуваат казната, бидејќи условите во притвор се многу полоши од затворските. Според информации од одбраната, само обвинетиот Сами Љута е во притвор, а Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири и Хаки Азири издржуваат казна затвор, а Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се во бегство. Но, според одбраната, иако дел од обвинетите издржуваат казна, тоа не го спречува нивното право да се бранат од слобода, бидејќи казната е неправосилна.

Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, за „Фокус“, пак, појаснува дека Врховниот суд одлуката за овој случај ќе ја донесе во рок од 60 дена од оддржувањето на јавната седница, иако овој рок не е обврзувачки за нив, односно тоа значи дека одлуката ќе биде позната на почетокот на декември. Тој додава дека во случај предметот да биде вратен назад, дури тогаш истовремено ќе донесат и одлука за тоа дали обвинетите ќе се бранат од слобода.

Според правните експерти кои ги консултиравме, голема е веројатноста обвинетите и понатаму да се држат зад решетки, бидејќи кривичното дело кое им се става на товар е многу сериозно. Сепак, според Судот за човекови права во Стразбур, дури и за вакви дела терорзиам, не е дозволиво обвинетите да се држат во затвор повеќе од четири години пред правосилноста на пресудата. Пресудата за „Монструм“ не е правосилна, бидејќи обвинетите на доживотен затвор имаат право на редовна жалба пред Врховниот суд, што во случајот беше искористено.

Овие обвинети пак се веќе петта година зад решетки. Од друга страна пак Законот за кривична постапка исто така предвидува дека обвинетите не можат да се држат во притвор повеќе од две години, сметано од периодот на подигање на обвинителен акт до првостепената пресуда.

Но според математиката и според досегашната пракса на Кривичниот суд, обвинетите од подигање на обвинение па се до првостепената пресуда со која беа осудени на доживотен затвор поминале една година и осум месеци во притвор, што значи дека им преостануваат уште четири месеци, согласно закон, да ги држат затворени. Но ова значи и дека од стартот на повтореното судење,  првостепената пресуда ќе мора да биде донесена во овој рок од четири месеци, бидејќи во спротивно обвинетите по сила на закон ќе мора да се бранат од слобода.

Петкратното убиство кое им се става на товар на обвинетите беше извршено на 12 април 2012 година кај Смиљковското Езеро, каде што беа убиени четири момчиња и рибар.

Валентина Вурмо

 

Поврзани новости