Одложувањето на затворот може да биде невозможна мисија за Катица Јанева и Боки 13

by fokus

Кривичниот суд ја добил пресудата од Апелацискиот суд којшто ги одби жалбите на поранешната специјална јавна обвинителка, Катица Јанева и Бојан Јовановски и ја потврди првостепената пресуда за „Рекет“, случај во кој се осудени на седум и девет години.

Од Судот соопштуваат дека по комплетирањето на списите, судијата за извршување на санкции ќе издаде наредба за спровод на Јовановски и Јанева од куќен притвор на издржување на казната затвор.

-По комплетирање на списите, предметот ќе биде доставена до судија за извршување санкции при Кривичниот суд Скопје кој согласно досегашната судска пракса, ќе издаде наредба за спровод на обвинетиот Бојан Јовановски од куќен притвор на издржување на казната затвор. Воедно предметот ќе биде доставен и до судија за извршување сaнкции при Основниот суд во Гевгелија надлежен според место на живеење за понатамошно постапување за обвинетaта Катица Јанева, соопштуваат официјално од Кривичниот суд.

Тоа значи дека во случајот со Јанева и Јовановски не се применуваат истите одредби од Законот за извршување на санкции како за лицата кои треба да одат на издржување на затворската казна од слобода, како што тоа беше случај на пример со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, бидејќи и двајцата се во куќен притвор.

За осудените кои се на слобода судијата издава упатен акт со точно утврден датум кога осуденото лице треба да се јави на издржување на казната затвор во одредена установа и тогаш може да се одложи казната поради болничко лекување,смрт и тешка болест, ако осудената има дете и ред други причини. Во случајот со Јанева и Јовановски, куќниот притвор којшто им е определен може да им го отежни одложувањето на затворската казна бидејќи има недоречености во Законот за извршување на санкции токму кога осудените се наоѓаат во куќен притвор.

Според судската пракса, кога осудените се во затворски притвор тие веднаш се трансферираат од притвор на издржување на казната затвор и откако ќе се префрлаат во затвор, може да побараат прекин, но не и одложување.

Но, во Законот за извршување на санкции нема точно определено како се постапува во вакви случаи кога осудените се во куќен  притвор.

Адвокатката на Јанева во изјава за Фокус рече дека ќе бараат одложување на затворската казна, но не прецизираше детали бидејќи се уште ја немаат добиено пресудата од Апелација.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Катица Јанева ќе бара одложување на затворската казна

Поврзани новости