„Оди си“, „Збогум Никола“, „Слобода“, „Готово е“…, напиша Спасовски на Фејсбук

by fokus

„Оди си“, „Збогум Никола“, „Цензурата е забранета“, „Слобода“, „Готово е“…. Ова беа дел од натписите на транспарентите на граѓанскиот протест 17.05.2015 против режим на кој заедно со граѓаните му порачавме Готово е! – со веење македонски и знамиња на етничките заедници, со обраќања на врвни професори, студенти, уметници, граѓански активисти, во мирна атмосфера, точно знаевме кои се причините за крајната цел – оставка на премиерот Никола Груевски и на целиот владин состав.

Ова го објави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на неговиот официјален фејсбук профил.

– Македонци, Албанци, Срби, Роми, Турци, Бошњаци, Власи, … заедно и обединети бидејќи и’ мислевме добро на државата, имавме безброј причини да протестираме против суров режим. Протестиравме против насилството и криминалот за кои дознавме од прислушкуваните разговори на 20 000 лица, против замолчувањето на неистомислениците, против полициската бруталност и тепањето студенти, против неправдите со кои ги осиромашија граѓаните, против меѓународната изолација и заробената држава, мрачните сценарија и обидите за дестабилизација, против ставањето на личниот и партискиот интерес над граѓанскиот, напиша Спасовски.

Го вративме достоинството на граѓаните, пишува Спасовски, ја вративме демократијата во државата, слободата на медиумите, независноста на судството… Од аспект на МВР, наведува, создадовме полиција блиска до граѓаните, партнер со граѓаните и вистински сервис за спроведување на нивните права.

– Денеска сме сведоци на една „активна блокада” на работата на Собранието од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која всушност е една активна кочница на исполнувањето и гарантирањето на правата на граѓаните, а со цел да се спречи континуираниот успех на СДСМ за напредок на државата. Се обидуваат да ги избришат вредностите кои ги воспоставивме, а кои не’ исправија на нозе како држава, не’ етаблираа како НАТО членка и не’ приближија кон ЕУ. Најавуваат и народен протест, но зошто?, објави министерот Спасовски.

Според Спасовски, тие не знаат зошто, протестираат против зголемени плати, против минимална плата од 18.000 денари, што во нивно време беше 9.000 денари, против функционалните институции, против, како што вели, успесите на меѓународен план, против се’ што значи напредок за граѓаните и државата.

– Молкот никогаш не бил опција, особено ако има за што да се крене гласот! Тоа го покажавме со народниот протест одржан на денешен ден пред точно 7 години, а со кој кажавме – Доста беше молк, режим никогаш повеќе!, објави на фејсбук министерот за внатрешни работи Спасовски.

Поврзани новости