Одделено сме посилни

by lali 17:53
17:53

ramadanМакедонија страда од елементарна фрагментираност. Вака некако би гласела првобитната дијагноза на земјата за и околу нејзините проблеми со целосноста. Целосноста не се однесува на територијата или на централноста на владеењето, туку поточно на општата кохезија на нацијата, составена од сите граѓани, и тоа, пред сè друго: во јавноста и во културата.

ЃУТУРА-КУЛТУРА

- Advertising -

Однесувањето на власта и на институциите во културата веќе неколку години е јасно и власта се однесува толку фрагментирано, што сега веќе може да се преиспитува и нејзиното првобитно декларирање како национално македонска. Од она што го гледаме, таа е најнапред е насочена кон создавање на чувство за националност само според една партија, кое на крајот произведува само шашма. Покрај толку кичерај, фушерај, стиропор и преплавени подруми изградени со каса-прими и анекс-договори и немаше што друго да биде.

ДОЦЕН ДЕМАНТ

Во другата сфера, поделбата на делот на јавноста на македонски јазик и делот на албански јазик веќе е неоспоруван стандард, а со тенденцијата на власта комплетно да го контролира делот на македонски јазик, веќе почна да се појавува уште една одделеност. Така, на пример, за некои медиуми „Македонска банка“ и аферата за неа како да не постојат, а од друга страна таа и преку малото пенџерче на некои медиуми ја гледаме дека ја има.

Иронијата, како последица на одбегнувањето на соочувањето со проблемот, е во задоцнетото вклучување во решавањето на тој ист проблем. Така, не еднаш бевме сведоци да се демантира нешто во некој медиум, во кој ја немало првобитната информација која се настојува да се демантира. По таков след на настаните веројатно ќе доживееме на крајот да се демантира само точноста на цифрата. Па, така, некој медиум, од тие што се најблиску до власта, ќе објави некоја ексклузива со веста дека: не е вистина дека биле милион и пол евра?!

ЧИЈА Е ТАА ВЛАДА, ЧИИ СЕ ТИЕ МИНИСТРИ?

Но, што фајде од евидентирање на фрагментираноста и како е возможно едно такво апсурдно мислење: одделно да сме посилни? Секако дека има придобивка од осознавање на дијагнозата, зашто секој настап без такво сознание личи на трчање маратон без никаков лекарски преглед.

Гледано од граѓанска перспектива, евидентирањето на тие поделби дури нè прави повеќе курнази, зашто токму несознавањето на поделбите е нешто што владарите го користат да вметнат спинови.

Таков е случајот со актуелното составување на владата. Читателот на македонски ќе прочита дека владата ќе се состави на почетокот на јуни, без при тоа да го земе предвид влијанието на партискиот конгрес на ДУИ кој ќе се одржи во истиот период.

Читателот на албански, од друга страна, ќе прочита дека токму на конгресот на ДУИ ќе се одреди кои ќе бидат идните министри во владата на Груевски.

Целосното читање веројатно би било дека Никола Груевски ќе води своја влада, но со министри што ќе ги одреди Али Ахмети. Навистина да прашаме на македонски, без да констатираме на албански: чија влада!?

( Авторот нема да има колумни во текот на месец јуни)

Поврзани новости