Одбиено барањето на Груевски за одложување на затворската казна

by fokus

Судијата за извршување на санкции го одби барањето на екс премиерот Никола Груевски да му го одложи извршувањето на затворската казна од две години. Од Кривичниот суд сѐ уште не ја потврдуваат информацијата, но од СЈО ни потврдија дека одлуката веќе ја добиле.

Сега Груевски има право да поднесе жалба до Кривичниот совет, коj ќе има рок од три дена да одлучат. Доколку и тие ја отфрлат неговата жалба, Груевски на 8 ноември ќе мора да влезе во истражниот затвор „Скопје“ каде што треба да ја одлежи казната.

Од затвор Груевски може да го спаси и Врховниот суд, но според временските рокови и процедури тоа не е возможно да се случи пред 8 ноември, туку откако веќе екс премиерот би влегол во затвор.

Груевски на правосилна затворска казна од две години беше осуден во предметот на СЈО „Тенк“, односно за набавката на мерцедесот од 580.000 евра.

Набрзо по објавувањето на информацијата, и од Кривичниот суд ја потврдија истата.

-Заради интерес од повеќе медиуми, како суд ја информираме јавноста дека судија за извршување санкции при Основниот Суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по молба за одлагање на извршување на санкција определена со правосилна пресуда во предметот со КОК бр. 59/17 од обвинителството означен како „Тенк“, донесе решение со кое ја одби молбата. Решението на судија за извршување санкции е испратено на странките во постапката кои имаат право на жалба против ова решение во рок од 3 дена до Кривичниот совет, информираат од судот.

В.В.

Поврзани новости