Одбиена уште една жалба на СЈО, нема да и биде одземен пасошот на Канческа-Милевска

by fokus

Откако судија на претходна постапка го одби барањето на Специјалното јавно обвинителство да и го одземе пасошот на министерката за култура, Елизабета Канческа -Милевска и да и наложи секој вторник да се пријавува во судот, како осомничена во случајот „Тендери“, СЈО поднесе жалба до Кривичниот совет на судот. Како што информираат од Кривичниот суд, и оваа жалба е одбиена, а е потврдено решението на судијата. Вакво барање СЈО имаше за уште еден осомничен во случајот „Тендери“.

-Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по жалба на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО) изјавена против решение на судија на претходна постапка од 28.11.2016 година во предметот на СЈО познат како „Тендери“, донесе решение со кое жалбата на обвинителството се одбива, а се потврдува решението на судија на претходна постапка. Со решението од 28.11.2016 година судијата на претходна постапка го одби предлогот на СЈО за определување мерки за претпазливост против две лица, информираат од Основниот суд Скопје 1.

СЈО истрагата за случајот „Тендери“ ја отвори поради сомнеж дека бил наместен еден од тендерите вреден 1 милион евра за изградба на Музејот на ВМРО, објект од проектот „Скопје 2014“. Првоосомничена е министерката за култура Канческа – Милевска. Освен неа, осомничени за злоупотреба на службената положба се уште три членови на комисијата за јавни набавки.

В.В.

 

 

Поврзани новости