Со фестивал на мирот кај споменикот на Скендер Бег во Скопје вечерва ќе бидат одбележани 22 години од потпишувањето на Рамковниот договор.
Одбележувањето го организира фирмата „Арберија дизајн“, која покрај овој настан ја организира и „Школата за млади лидери“ , која викендов се оддржува во Маврово. За организацијата на овие два настани од буџетот ќе бидат исплатени 100.000 евра, а договорот на 19 јули го склучиле Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците предводено од Артан Груби и “Арберија дизајн”. Оваа фирма стои зад организацијата речиси на сите настани ицицирани од кадрите на ДУИ.
За овие настани склучени се два договори, а првиот договор опфаќа обезбедување хотелски, кетеринг и услуги поврзани со опрема за организирање настани е со вредност од 70 илјади евра.
Вториот договор, пак, тежок 30 илјади евра, покрива логистичка и креативна поддршка. Меѓу другото за стихотворба ќе бидат издвоени 5.500, а за спот за песна 5000 евра.
Премиерот Димитар Ковачевски во објавата за годишнината од Охридскиот Рамковен договор напиша дека донел мир со кој се овозможило континуиран развој на општествената кохезија и на европскиот концепт на обединетост во различностите.
Али Ахмети во видео обраќање повика на единство и обединување околу европскиот фронт. Според лидерот на ДУИ, за да се заврши процесот на еднаквост и интеграција, мора да се направи последниот чекор од уставните измени.
Лидерот на Достоинство, Стојанче Ангелов во објавата за годишнината од Рамковниот договор посочи дека македонските бранители победиле во сите битки во конфликтот, а изгубиле политичарите.
Договорот со кој се стави крај на неколкумесечниот воен конфликт беше потпишан на денешен ден во претседателската резиденција на Водно со посредство на меѓународната заедница. Разговорите потоа продолжија во Охрид.
фото: МИА