Од затворот велат дека Јанакиески и Ристовски предизвикале вербална расправија, па биле нападнати

by fokus

Од Управата на истражниот затвор Шутка попладнево преку соопштение објаснија како дошло до физичкиот напад на поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, кои се во триесет дневен притвор по барање на обвинителството во рамките на истрагата за настаните во Собранието на 27 април.

Според соопштението, на инцидентот најпрвин и претходела вербална расправија која била предизвикана од Спировски кон еден од затворениците со иницијали Л.К, која подоцна преминала во, како што наведуваат, лесна физичка пресметка која била веднаш прекината од службите на затворот.

Подоцна повторно за време на редовна прошетка дошло до друг вербален инцидент предизвикан од Јанакиески кон друг затвореник со иницијали Е.К, кој преминал во физичка пресметка која исто така била веднаш прекината од службите на затворот.

За двата инциденти, како што информираат од Шутка, прибрани се писмени изјави од очевидци и известен е надлежниот суд. После инцидентите за лицата Јанакиески и Ристовски биле обезбедени прегледи. Според соопштението, Ристовски не побарал дополнителна медицинска помош, а Јанакиески се пожалил на болки по што бил упатен кон болницата 8 септември.

Од управата посочуваат дека најостро ги осудуваат таквите вербални и физички инциденти и порачуваат дека насилството нема да се толерира и истото најостро ќе се санкционира.

Поврзани новости