Oд ВМРО-ДПМНЕ добивме есеистички текст наместо амандмани, велат од Правда

by fokus

Во законот за Јавното обвинителство што го испрати Министерството за правда во собраниска процедура се имплементирани сите меѓународни принципи, посочуваат во денешното соопштение од Министерството и додаваат дека тоа го укажале на средбите со претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, но и го презентирале пред јавноста.

-Наспроти тоа, ВМРО-ДПМНЕ уште на првата средба искажа несогласување со одредени одредби од законот и презеде обврска да достави амандмани. Јавноста е веќе информирана дека, наместо амандмани, од ВМРО-ДПМНЕ добивме есеистички текст во кои беа наброени меѓународни документи. Министерството за правда, со вчерашното соопштение, потсети на неисполнетата преземена обврска од страна на ВМРО-ДПМНЕ за доставување на амандманите, велат од Министерството за правда.

Денеска од Министерството повторно потсетуваат на неисполнетата обврска од страна на ВМРО-ДПМНЕ и го поставуваат прашањето за причините за тоа: Дали ВМРО-ДПМНЕ ја одолговлекува оваа обврска за да не го стави на хартија барањето за амнестија на случаите кои ги води Специјалното јавно обвинителство? Дали ВМРО-ДПМНЕ ја одолговлекува оваа обврска за да не ја стави на хартија својата желба за неказнивост на случаите на корупција и криминал од поранешната власт?

-Во оваа прилика, повторуваме дека донесувањето на Законот за јавно обвинителство е клучно за отворање преговори за Европската Унија. Секоја сериозна партија со европска ориентација би ја ставила европската иднина на својата држава пред личните интереси и барања за амнестија на своите високи партиски функционери опфатени во истрагите на СЈО. ВМРО-ДПМНЕ треба да го направи својот избор, се наведува во соопштението од Министерството за правда. 

Поврзани новости