Од вкупно заразени 77 бремени жени со Ковид 19, 34 биле без симптоми, а 19 биле хоспитализирани

by Fokus

Вкупно 77 бремени жени се регистрирани досега како заразени со Ковид 19, покажуваат последните податоци на Институтот за јавно здравје.

Според информациите на ИЈЗ, од случаите кои се епидемиолошки истражени (n=8.048; 98,2%), пријавени се 77 (0,9%) случаи кај бремени жени, од кои 19 биле хоспитализирани во текот на болеста. Триесет и четири од регистрираните се асимптоматски случаи.

„Фокус“ пред повеќе од три месеци објави дека 27-годишна родилка од Куманово, која се породила на скопската Клиника за Гинекологија е позитивна на корона вирусот и веднаш после породувањето беше префрлена на скопската Инфективна клиника. Таа беше префрлена на клиниката поради влошена здравствена состојба и отежнато дишење, каде по краток период почина. Бебето имаше негативен тест и беше хоспитализирано на Гинеколошката клиника.

Исто така, уште една родилка позитивна на корона вирусот на средината на април беше примена на скопската Клиника за Гинекологија. Стануваше збор за 28-годишна жена од Матејче, кумановско која дошла да се пораѓа на Клиниката без никакви симптоми на Ковид 19. Во тој период најопасна беше ситуацијата во Куманово, па сите кои ќе дојдеа од тој дел завршуваа најпрвин во изолациониот дел каде се сместени сомнителните случаи.

Пред речиси еден месец, познат е и случајот со родилката-докторка која отиде на скопска Гинекологија, каде што излажа дека немала контакт со заразен од опасниот вирус и откако беше откриена се породи во приватната болница Ремедика. Таа стави дел од медицинскиот персонал во самоизолација. По породувањето заврши на Инфективнаата клиника, каде што самоиницијативно потпиша изјава дека ја напушта болницата се уште заразена и оди на домашно лекување.

Ирена Мулачка

Поврзани новости