Од вкупно 685 заразени во Скопје, 98 се од Аеродром, 70 од Карпош, 84 од Гази Баба, 63 од Чаир

by Fokus

Во Скопје, од почетокот на пандемијата со Ковид 19 има регистрирано вкупно 685 заболени од кои во моментот 178 се активни, покажуваат официјалните статистики на министерството за здравство.

Сепак, во последните десетина дена, поточно откако букна повторно заразата од корона вирусот неколку скопски општини секојдневно се наоѓаат во извештаите на ресорното министерство. Одреден период, бројот на заболени од опасниот вирус се намали од 5 до 7 на дневно ниво, што на некој начин оставаше простор дека пандемијата полека стивнува. Но, тоа траеше кратко.

Според нашите информации, од вкупниот број на заразени од Ковид 19 во Скопје, дури 390 заболени граѓани се од шест скопски општини и тоа 98 се од Аеродром, 70 од Карпош, 63 од Чаир, 41 од Сарај, 84 од Гази Баба и 34 од Бутел.

Како што досега неколку пати најавија здравствените власти, семејните собири и групирањата се главните проблеми што по драстичното намалување на бројките на заболени од корона вирус, сега заразата повторно се врати и тоа на голема врата.

„Повеќе настани, повеќе семејни настани се случија во меѓувреме и од таму излегоа нови пациенти, но, во основа е истиот механизам на таков респираторен близок контакт, за жал непочитувајќи ги мерките кои се сега во сила“, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Претходно, имаше дури 21 заразен од семејна вчера во скопски Сингелиќ, додека вчера пак седумина беа заболени од иста фамилија во Аеродром.

Со оглед на тоа што веќе неколку денови има алармантни бројки, Комисијата за заразни болести пред некој ден предложи до владата да се воведе полициски час за Рамазан Бајрам и Денот на словенските просветители „Св. Кирил и Методиј“ од сабота од 19 до вторник до 05 часот, односно карантин од дури 58 часа.

Денеска во 17 часот на владина седница треба да биде донесена одлука дали ќе биде прифатен предлогот на Комисијата за заразни болести.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1.921, бројката на оздравени пациенти е 1.387, на починати е 112, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 422.

Ирена Мулачка

 

 

 

Поврзани новости