Од Венеција дојдовме во Скопје на свадба, не сме подвижни коронавируси – за ,,Фокус” раскажува Ирена Павлова Де Одорико, писател и книжевен критичар

by fokus

Ирена Павлова Де Одорико, писател и книжевен критичар и наш голем културен амбасадор во Италија, којашто со семејството повеќе од четири години живее и работи во Венеција, во средата пристигна во Скопје.

За ,,Фокус” раскажува дека со сопругот којшто е по потекло од Италија и работи во хотел во Венеција, дошле бидејќи ги очекува убав чин, свадбата на нејзината сестра, но се изненадиле од стравот од коронавирусот кој го затекнале во Македонија.

Како е да се живее во овој период во Венеција, како се функционира таму сега, кога очите на светската јавност се вперени кон Италија како на ново жариште на вирусот, но и како биле дочекани во Македонија, таа појаснува, споделувајќи ги своите искуства со нашите читатели.

-Хотелот е полн – ми рече мојот сопруг – Италијанец, кој моментално работи во еден венециски хотел. И додаде:

,,Туристите прво се разбегаа, но бргу сфатија дека коронавирусот е монтирана приказна за да поремети нечии сметки од друга природа”.

Јас и моето семејство пристигнавме во средата. Мојот став: македонските медиуми ја хиперболизираа приказната со кирија вирусот. Во добар дел сметам дека го сторија тоа заради самосвест која им е иманентна на цивилизираните народи и земји. Но, од друга страна, бргу станаа свесни дека згрешија, иако за рекордно време го изолираа вирусот.
Виртуелната апикалиптична вистина за опасноста од овој вирус е сосема спротивна на северно- италијанското секојдневие. Мојот семеен лекар има 2.000 пациенти и ниту еден заболен од споменатиот вирус. Конечно,од медицинска гледна точка,тој му припаѓа на семејството на класичната инфлуенца, која е можно- фатална за постарите лица со хронични сериозни болести.

Не, нема чума во Венеција, во Италија!
Гледајќи ги нашите вести кои открија прва македонска жртва, која дошла од Милано, перцепирав фобија наметната според принципите на апсурден апикалиптичен перформанс. Значи, 50- годишна Македонка, заболена од коронавирус, но се чувствува ,,фантастично”?!?
Луѓето кои патувале со неа се изолирани, но не се или не се знае дали се болни? Оваа фарса која добива немерливи димензии, трансформирана во неоснована фобија, иронично го намалува имунитетот на самите Македонци, додека во Северна Италија, граѓаните ја игнорираат паниката – појаснува писателката.

Додава дека при слетувањето на аеродромот во Скопје немало посебни контроли, односно како што беше најавено, мерење на телесна температура на патниците, или пак било каков вид на прашалници од страна на цариниците. Слетале, ги завршиле процедурите околу багажот и го напуштиле аеродромот. Во авионот имало околу 180 патници, а само неколку од нив носеле заштитни маски.

-Немаше особени контроли ни при тргнување од италијанскиот аеродром, ни при слетувањето на нашиот. Но, при пристигнувањето во мојот толку сакан град, самиот дијалог со мојот сопруг Италијанец, предизвикуваше различни реакции кај таксистите со кои се возевме, кај непознати, но замислете, и познати луѓе, дури и некои пријатели кои не сакајќи да го признаат фактот дека мене и моето семејство не гледаат како коронавируси во движење, рекоа дека се болни од грип и не би сакале да не заразат.

Едно е сигурно: ова е био- медиумска пропаганда во чија основа е политиката на разни интереси, ,,увезена” од некои поголем(и) континент(и). Во основата на оваа пропаганда не е самата болест, туку произведувањето на стравот. Како и со останатите ,,фатални вируси” кои своевремено го распламтуваа стравот кај луѓето, полека ќе настапи осеката. Животот продолжува натаму – раскажува Павлова Де Одорико.

Вели дека помеѓу пријателите во Скопје, има многу лица кои што се здравствени работници, лекари специјалисти во разни области, и токму тие не покажале никаков страв да се сретнат со неа и нејзиното семејство. Токму минатата ноќ биле на вечера со брачен пар лекари во ресторан, но низ смеа се сеќава и на таксистот во Скопје, кој кога го слушнал нејзиниот сопруг како зборува на италијански јазик, веднаш започнал да се пребришува со влажно марамче.

-Стравот се уште царува како последица на корона маркетингот. Верувам дека добар дел од оние луѓе што се враќаат назад во својата земја, тоа го сториле од наведената причина. Доколку во Италија имаат работни места, претпоставувам дека наскоро ќе се вратат. Привремено, до 1-ви март, поради предострожност се затворени училиштата, објектите од јавен и културен интерес. Но, потоа, следејќи го тамошниот печат, нештата би требало да се нормализираат. (Австрија во еден миг ги затвори, па ги отвори границите за Италија.) Најверојатно, властите го сфатија актот на сопственото претерување, кое не им е ниту во економски, ниту во културолошки интерес – вели книжевницата.

Вели дека во нејзината околина во Венеција состојбата била прилично спокојна. За фотографиите со празни рафтови во маркетите, коишто се појавија во медиумите, според нејзини сознанија се направени во Ломбардија, односно во најзагорзените области, додека пак во Венеција, на места каде таа пазарела, состојбата била иста како и пред вирусот.

-Рафтовите колку што се сеќавам од тамошните информативни гласила, биле испразнети на две- три места во делот на Ломбардија, каде што спаѓа Милано, градот во кој имаше најмногу случаи. Но, како што нагласи Министерот за здравство: сите (дотогаш) шест случаи на смртност се детектирани кај постари лица, со над 80- годишна возраст. Едната од нив веќе имала онколошки проблеми.
Инаку, рафтовите, повторно ќе нагласам, ги празни оној примордијален страв од можна апокалипса, со која одамна отровно го задојува човештвото новиот светски поредок. Инстинктот за преживување парадоксално, не им дозволува нормален живот на луѓето. Италијаните што ги познавам, местата на кои пазарам, дуќаните, истата атмосфера што ја вдишувам околу мене е прилично спокојна – тврди Павлова Де Одорико.

За крај вели дека на нашите граѓани би им порачала да бидат смирени и да се информираат само од проверени извори. Додава дека генералната состојба во Македонија е многу позастрашувачка од коронавирусот и како не треба да има место за паника.

-Им порачувам на македонските граѓани да се информираат, секако, но да избираат до каде, колку ќе веруваат-селективно.
Италијанските новинари веќе им се извинија на граѓаните за невкусниот сензационализам.
Во покроце, пристапот кон појавите чиј мотив и природа не се докрај познати се наоѓа мудроста. Затоа, драги мои Македонци, бидете спокојни. Гледам луѓе во Македонија коишто не живеат, туку се трудат да преживеат со 200 евра месечно, тоа е она кое треба да загрижува во секое општество.
Знам дека за 8-ми март некои вас дури ќе заиграат чочек во некој венециски хотел, славејќи го животот, вон царството на стравот.
Животот не се живее зад маските, иако умее да биде вистински карневал – изјави за ,,Фокус” писателката.

Вики Клинчарова

Поврзани новости